По повод 30 години независност на Македонија и 100 години од раѓањето на Блаже Конески, во Кинотеката на Македонија, на 7 септември, вторник, во 20 часот, ќе биде откриен муралот и ќе бидат проектирани документарни филмови, посветени на великанот на македонскиот јазик и култура, Блаже Конески.

– На вечерта посветена на стогодишнината од раѓањето на великанот ќе бидат проектирани документарни филмови и ТВ-емисии инспирирани од неговиот живот и посветени на неговото книжевно дело: десетина кратки филмови произведени во 2021 г. по нарачка на Министерството за култура, а по повод одбележувањето на јубилејот на Конески, потоа документарните „Прилеп вчера и денес“ (1959) и „Ден кога се проштева“ (1976) во продукција на „Вардар филм“, како и телевизиските проекти „Шахот во Македонија“ и „Ракување“ (2004). Во соработка со фестивалот за урбана култура „Мурал“, кој годинава бележи три години постоење, ќе биде креиран мурал на површина од 20 квадратни метри, изведен во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. На него ќе биде отсликан портретот на Конески, задно со одредени одлики на неговото творештво – најавуваат од Кинотеката.

Муралот е дело на уметникот Дејвид Стоилковски-Молерај (Куманово, 1997), кој има богато искуство со исцртување мурали и графити. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности, отсек графика, во класата на професорката Славица Јанешлиева. Учествувал на повеќе групни изложби и проекти, а бил коорганизатор и учесник на „Графити фест“ во Куманово 2017 и 2018 г., учествувал во разни проекти за исцртување мурали и графити низ Куманово и Македонија, „Графити фест“ Неготино 2018, реализирал мурали во Кочани, Чашка – Велес, Крива Паланка.