Издавачката куќа „Антолог“, во рамките на проектот „Храбри нови зборови, прекрасни нови светови“, ја објави книгата „Гранд хотел Европа“ од холандскиот автор Илја Леонард Фајфер. Ова маестрално дело за Стариот Континент содржи толку многу историја што не останува место за иднината и каде што вистинските перспективи се нудат единствено преку експлоатирање на минатото за туристички цели.
Писател отседнува во прочуениот но декадентен „Гранд хотел Европа“, за убаво да размисли каде згрешил со својата голема љубов Клио, која ја запознал во Џенова, а потоа отишле да живеат во Венеција. Тој ја реконструира трогателната приказна за љубовта во времиња на масовен туризам, за нивните патувања на Малта, Палмарија, Портовенере, Чинкве Тере, и нивната возбудлива потрага по последната слика на Караваџо… Ова е роман за европскиот идентитет и носталгијата за крајот на една ера. Изненадувачки или не, но Илја Леонард Фајфер еден дел од книгата сместува и во Скопје, каде што престојувал неколку дена во 2017 година.
Илја Леонард Фајфер (1968) е холандски писател. Студирал класична филологија на Универзитетот во Лајден, каде што и докторирал. Го истражувал старогрчкиот јазик и работел како предавач. Пишува поезија, драми, есеи, колумни, репортажи, раскази, политичка сатира и романи во стилот на Рабле.
Во изданието на „Гранд хотел Европа“ на македонски јазик преводот од холандски е дело на Зоран Радически, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија и на Министерството за култура на Македонија.