„Врба“ на Милчо Манчевски изминатава недела освои три награди и четири почесни признанија, а имаше и грчка и француска премиера на Маратонскиот филмски фестивал во Атина и на „Европа околу Европа“ во Париз.
„Врба“ беше прогласен за најдобар филм на Маратонскиот филмски фестивал во Атина, a aктерката Наталија Теодосиева беше наградена за најдобра споредна женска улога. Филмот во Атина доби и уште четири почесни признанија – за Милчо Манчевски како најдобар режисер, за најдобра споредна улога на актерката Сара Климоска, за најдобар кинематографер за Тамаш Добош и за најдобар филм во избор на публиката. Теодосиева исто така изминатата недела ја доби и наградата за најдобра главна женска улога во „Врба“ на фестивалот на независен филм „Околу глобусот“ во Њујорк.
Филмот „Врба“ има интензивен фестивалски живот дури и две години по светската премиера, во октомври 2019 на Римскиот филмски фестивал. Досега, освои вкупно тринаесет трофеи, меѓу кои и најдобра режија на „Реинденс“ во Лондон, најдобар филм на „Синеквест“ во Калифорнија, сребрена палма во Валенсија…