Горан Радовановиќ, еден од најагилните документаристи последниве години во српската кинематографија, вечерва гостува во Кинотеката на Македонија, со неговите два најнови документарни долгометражни филмови, „Случајот Макавеев или процес во киносалата“ и „Чекајќи го Хандке“.
Документарците ќе бидат прикажани во термините од 18 и 20 часот, а авторот Радовановиќ ќе одговара на прашањата на гледачите.
Радовановиќ (1957, Белград) е наградуван филмски сценарист, режисер и продуцент, со петнаесетина проекти во неговото досегашно професионално портфолио.
„Случајот Макавеев или процес во киносалата“ (2018 г.) го осветлува можеби најекстремниот случај на политичка цензура во некогашна Југославија, судскиот процес на филмот „В.Р. мистерии на организмот“ на режисерот Душан Макавеев во 1971 година. Филмот на Макавеев кренал голема прашина и политичките кругови во тогашна Југославија сакале да го забранат по секоја цена, сметајќи го како врв на т.н. црн бран во југословенската кинематографија. Во филмот на Радовановиќ учествуваат преживеаните актери и соработници од неговите бившојугословенски филмови, а неговиот говор на судењето го интерпретира Светозар Цветковиќ, еден од неговите омилени актери.
Филмот „Чекајќи го Хандке“ (2021 г.), кој имаше светска премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Санкт Петербург, Русија, на почетокот на ноември, ја следи приказната на винарот Срѓан Петровиќ од местото Велика Хоча на Косово. Откако Петровиќ ја слушнал веста дека австрискиот писател со париска адреса Петер Хандке ја добил Нобеловата награда за книжевност во 2019 година, добил инспирација да стави плоча со ликот на писателот на ѕидот на својата винарница. Хандке неколкупати ја посетил и престојувал во таа винарница, а поставувањето на спомен-плочата, како знак на благодарност до овој писател во изолираната и гетоизирана српска енклава на Косово, станува сизифовски потфат, кој ја открива животната драма на преостанатото српско население.