Годинава е воспоставена соработка со европската мрежа за современа драма „Еуродрама“ и треба да се доделат наградите за избрани драми. „Еуродрама“ е европска мрежа за современа драма и превод што опфаќа повеќе од 300 члена, организирани во 30 јазични комитети

Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој по 55. пат требаше да почне во петокот, е одложен поради пандемијата. Според најавите, јубилејниот фестивал, доколку дозволуваат условите, може да се одржи во септември, во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

– Дај боже кризата да помине и во септември да го одржиме 55-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. А имав толку многу замисли за јубилејното издание. Како ќе го реализираме зависи само од кризата. Годинава воспоставивме соработка со европската мрежа за современа драма „Еуродрама“ и треба да ги доделиме наградите за избрани драми – вели уметничката директорка на фестивалот Катерина Коцевска.
„Еуродрама“ е европска мрежа за современа драма и превод што опфаќа повеќе од 300 члена, организирани во 30 јазични комитети. Мрежата го поттикнува преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и за публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност. Една од наградените е и драматургот на прилепскиот театар Лидија Митоска Ѓорѓиевска, за необјавуваната и неизведувана драма „Саатот“.

Инаку, во досегашната историја на фестивалот „Војдан Чернодрински“ само еднаш се случило фестивалот да не се одржи од оправдани причини, пред 40 години.
Во планираниот термин, почетокот на јули, нема да се одржи ни фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Според најавите од надлежните, годинашното издание на фестивалот се поместува за крајот на август.
– Ќе има семинар, но ќе настапат редуциран број изведувачи, за да продолжи традицијата. Но поконкретно ќе се знае наскоро, по насоките од членовите на фестивалот, од Министерството за култура, за што јавноста ќе биде информирана – вели секретарот на фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, Златко Лашкоски.