Филхармонијата прославува 77 години од формирањето

Оркестарот на Филхармонијата в сабота, во 20 часот, со концертот „Убава Русија“, ќе прослави 77 години од формирањето. Како солистка ќе настапи брилијантната руска виолинистка Марија Солозобова, а диригент е Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се Концертотот за виолина и оркестар број 1 од П.И. Чajковски и Брамсовата Прва симфонија. Овој концерт на Филхармонијата е во рамките на фестивалот „Есенски музички свечености“.
Марија Солозобова е една од највпечатливите виолинистки на својата генерација. Нејзината кариера е во постојан подем. Активно настапува во некои од најпрестижните сали во светот како „Викторија хол“ во Женева, „Тонхале“ во Цирих, „Концертхаус“ во Виена, Големата сала на конзерваториумот „Чајковски“ во Москва и други, каде што соработува со голем број еминентни диригенти.

Нејзиното свирење го опишуваат како комбинација од виртуоз на моќ, креативна спонтаност и елеганција. Уметничка директорка е на „Класични врвови“ во Цирих, годишни концертни серии што се одржуваат во повеќе концертни сали во Швајцарија. Оваа сезона ќе настапи во неколку европски градови, како и во Јужна Африка. Свири на виолина изработена од Николо Гаљано во 1728 година.
Концертот за виолина и оркестар бр. 1, кој е на програмата, Чајковски го напишал во 1878 година, инспириран од пејзажите и природните убавини на Женевско Езеро, за време на престојот во Швајцарија. Познатиот диригент, композитор и пијанист Ханс фон Булов ја нарекол Првата симфонија на Брамс – Бетовеновата десетта. Тој само го дополнил ставот на Роберт Шуман, кој дваесет и пет години порано, Брамс го нарекол „најголем продолжувач на музичката традиција на Бетовен“.
Со концертот ќе диригира Конрад ван Алфен, етаблиран холандски/јужноафрикански диригент што се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката, благодарение на посебниот начин на кој ги води пробите и изведбите. Тој е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признаен оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и во Амстердам. Скорешните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле.


Изложба на Маја Аргакијева

Изложба на фотографката Маја Аргакијева ќе биде поставена во рамките на прославувањето 77 години од формирањето на Филхармонијата. Изложбата насловена „Портретна симфонија“ ќе биде отворена во фоајето на Филхармонијата, утревечер, во 20 часот. На изложбата ќе бидат поставени околу триесетина фотографии, сликани на концертите на Филхармонијата на кои главни „протагонисти“ се музичарите од оркестарот, како и многубројните солисти и диригенти што настапиле на нашата сцена.
Филхармонијата е формирана на 25 ноември 1944 година, непосредно по завршувањето на Втората светска војна и само 11 дена по ослободувањето на Скопје.