Во изминатите 17 години, Христов бил дел од повеќе филмови и серии и со гордост истакнува дека не се случиле никакви проблеми при снимање сцени со пукање, а камоли да дојде до несакани последици и жртви, како што се случи неодамна во Холивуд, за време на снимањето на филмот „’Рѓа“, кога актерот Алек Болдвин употреби пиштол во една сцена и ја усмрти снимателката Халина Хачинс

Томе Христов, оружар на филмски сетови

Томе Христов работниот век го минал на аеродромот „Петровец“, како воено лице со чин заставник, а по растурањето на ЈНА работи во Генералштабот на АРМ. Во пензија е од 2003 година, но тоа не му донесе мирување и уживање во третата доба. Напротив, сега има ангажман што е многу одговорен, а секој проект е посебно возбудлива приказна. Снимањето на филмот „Балканкан“, на режисерот Дарко Митревски, сосема му го смени животот, бидејќи беше ангажиран да му биде асистент на оружарот од Србија, лице што се грижи за безбедно извршување на сцените со употреба на оружје на филмскиот сет. Потоа Томе оди на обука во филмското студио „Бојана“ во Софија и по враќањето станува првиот и засега единствен оружар во земјава. Во изминатите 17 години бил дел од повеќе филмови и серии и со гордост истакнува дека не се случиле никакви проблеми при снимање сцени со пукање, а камоли да дојде до несакани последици и жртви, како што се случи неодамна во Холивуд, за време на снимањето на филмот „’Рѓа“, кога актерот Алек Болдвин употреби пиштол во една сцена и ја усмрти снимателката Халина Хачинс.
Томе бил дел од тимовите на филмовите: „Балканкан“, „Караула“, „Ослободување на Скопје“, „Трето полувреме“, руската ТВ-серија „Кум“, која се снимаше на Косово.

Според вас, која е причината за немилиот настан што се случи на снимањето на филмот „’Рѓа“ во Холивуд?
– Едно е сигурно, во никој случај не смее да се дозволи употреба на боева муниција на сет. Веднаш откако беше објавена веста контактирав со моите ментори од Бугарија и од Србија и тие се согласија со моето мислење дека несреќата најверојатно е подметната, а верувам дека и истрагата ќе го докаже тоа. Глумецот Алек Болдвин има морална вина, но не и друга. Според мене, најодговорен за ова што се случи е токму оружарот.
Во филмскиот свет сте познат како Генералот, како го добивте прекарот?
– Тоа се случи за време на снимањето на филмот „Караула“, на режисерот Рајко Грлиќ, во 2006 година на Галичица, каде што беше направен мал филмски град. Бидејќи тоа е војнички филм, два и пол месеца бев задолжен за безбедна употреба на оружјето во сцените со пукање. Ги подготвував статистите, глумците за снимање.
Како се случи да станете оружар?
– Тоа беше во 2003 година, кога се снимаше филмот „Балканкан“. Бараа поддршка, логистика од војници, оружје и воени возила. Тогашниот началник на Генералштабот ме одреди да помогнам. Оружарите беа од Србија и за време на снимањето цело време бев со нив, ме интересираше сѐ што се случуваше. Режисерот Дарко Митревски го забележа тоа и ми рече: „Ние немаме оружар во Друштвото на филмски уметници, дали би сакал да бидеш?“ Прифатив. Тоа беше моето прво искуство, а веќе следната, 2004 г. работев на филмот „Караула“. Бидејќи сакав максимално да ја исполнам задачата, им се обратив на продуцентот Роберт Насков и на Митревски и им реков дека ќе ми треба дополнителна обука, по што заминав во филмското студио „Бојана“ во Софија.

Пред почетокот на снимањето на филмот, го добивам сценариото и гледам каде има сцени со употреба на оружје и од каков тип. Ако станува збор за автоматско оружје, барам од продуцентот да стапи во контакт со АРМ и со МВР за добивање дозволи за користење на оружјето од нивниот арсенал, а ако е потребно, и ангажирање професионалци од нивните редови. За снимање масовни сцени, најбезбедно е од оружјето да се извади ударната игла, бидејќи таа го активира пукањето. Всушност, таа е главниот дел на секоја пушка, ја активира иницијалната каписла, а таа го активира барутот и тој го исфрла зрното. Без ударна игла, оружјето е безбедно. Инаку, при снимањето филмови исклучиво се користи маневарска муниција, која има каписла, барут, чаура, ама нема зрно. Го имаме звукот и од устата на пиштолот излегува светлост, но сѐ е безопасно. А кога станува збор за индивидуална употреба на пиштол или пушка, го земаме оружјето, репетираме и му покажуваме на глумецот дека е празно. Тој се уверува дека е сѐ во ред и снимањето може да почне. Со оглед на актуелните настани во Холивуд, сега се бара поголема претпазливост од сите.

Вашиот тим е баран не само во нашата земја туку и во регионот…
– Да, одлична екипа сме, работам со млади, енергични и амбициозни луѓе: Диме Топузовски, мојот прв асистент, Васил Трајковски, Деан Крајчевски, Деан Ѓошевски, Марјан Димчевски. Најважно ни е да бидеме сѐ подобри и да докажеме дека и ние имаме професионална екипа оружари, како и тим за специјални ефекти. Јас веќе изработувам фулминати, тоа се ќеси со вештачка крв, внатре со експлозив и електронски дел, со кои се прикажува дека некој е погоден. Нашиот обучен тим ќе прави и вештачки дожд, снег, мали пожари, чад, експлозии, за што е најзаслужен Деан Крајчевски, кој купи соодветна апаратура.
Дали имало некаков инцидент за време на снимање филм во Македонија?
– Кога го снимавме филмот „Караула“ ни снема автоматска пушка. На статистите, околу 50, им дававме оружје со лична карта, а по завршувањето на снимањето тие го враќаа. Еднаш се покажа дека недостига пушка, а го немаше и лицето задолжено за неа. Веднаш пријавивме во најблиската полициска станица и набрзо полицијата го пронајде крадецот.

Се случила ли несреќа за време на снимање филм во регионот?
– Во 2014 година бев во Босна и Херцеговина, на сет, кога за време на снимање на сцена со пукање од автоматска пушка се повреди српскиот глумец Богдан Диклиќ, при што го загуби окото. За жал, јас, иако бев асистент, му ја дадов пушката, а главниот оружар му рече: „Внимавај, Богдане, ќе пукаш со автоматско оружје, а тоа значи, кога стиснува на чкрапалото 30 парчиња муниција летаат во една минута. Му посочи да ја држи пушката во левата рака, 30 сантиметри подалеку од главата, зашто при пукање летаат чаурите. Но тој дрско му рече: „Немој ти да ми кажуваш, јас сум поголем стручњак и од тебе, досега сум пукал илјадапати“. Првата сцена заврши одлично, а во втората Богдан ја приближи пушката поблиску до главата и при пукањето една чаура му го погоди левото око. Дојде хеликоптер и веднаш го однесоа во Белград. Подоцна дознавме дека го загубил окото и сега има вештачко. За жал, до несреќа дошло и во Бугарија, кога за време на снимање експлозија во чамец, експлозивот предвреме бил активиран и загинале двајца луѓе.
Како се однесуваат домашните глумци и режисери за време на снимање опасни сцени?
– Повозрасните глумци се многу поодговорни. Некои ми велат: „Јас не сум пукал досега, не сум држел пушка, пиштол“. Тогаш одиме на стрелиште, на обука, за да го почувствуваат оружјето и да научат како да ракуваат со него. Но се случува помладите актери да не ги слушаат моите барања, па морам да се обратам до продуцентот и да посочам дека ако нешто се случи, јас нема да преземам одговорност. Имав проблеми и со режисерот на руската серија „Кум“, кој не сакаше да се придржува до предвидените мерки, па мораше да се вмеша продуцентот, кој застана на моја страна. Најдобра соработка досега сум имал со режисерот Рајко Грлиќ. Кога го снимавме филмот „Караула“, тој велеше: „Вие кажете како е по правило, а јас ќе го направам тоа филмски“.
Што ви било најтешко досега да направите?
– Во филмот „Ослободување на Скопје“, кој го режираше Раде Шербеџија, беа истрелани над 2.000 парчиња оружје. Имаше една сцена во која требаше да се пука со пушкомитралез од покрив на вагон, а познато е дека тој испалува 150 куршуми во минута. Ангажирав активни воени лица, кои го одработија тоа многу професионално. Снимавме два дена, но ми беше многу жал што токму таа сцена беше исфрлена и ја немаше во филмот. Тешка беше и сцената во новиот филм на Теона Митевска, во која имаше многу пукање во затворена просторија, кога исто така беа ангажирани специјалци.

На што работите во моментов?
– Де­но­ви­ве сум дел од филм­ската еки­па што го сни­ма кри­ми­на­ли­стич­киот филм „Можеби“ во скоп­ска­та чар­ши­ја. Има­ше и сце­ни со пу­ка­ње, но про­сто­рот бе­ше огра­ден и без­бе­ден. На кра­јот, ре­жи­се­рот Кастриот Абдули ме пре­гр­на и со нас­ме­вка ми ре­че: „Бра­во Ге­не­ра­ле, не­ма по­вре­де­ни“!