Четири века чекаше италијанската барокна сликарка Артемизија Џентилески (1593-1654) за најпосле да го добие признанието што го заслужува. Требаше да стигне во вид на голема изложба на нејзини дела во Националната галерија во Лондон, но тоа нема да се случи поради актуелната пандемија. Изложбата требаше да биде отворена на 4 април, а сега е одложена за некое подобро време.
– Ако по некоја случајност таа денес беше жива, несреќната Артемизија Џентилески веројатно немаше да верува како судбината сурово се шегува со неа. Беше напаѓана и прогласувана за неморална, потоа заборавена со векови, а потоа уметничките снобови ја истакнуваа уметничката супериорност на нејзиниот татко Оразиј – пишува британски „Гардијан“.

Изложбата е одложена, меѓу другото, и поради тоа што нејзините дела требаше да стигнат од Италија, а дел од САД, што поради парализата на авионскиот сообраќај, стана невозможно.
Според британскиот весник, изложбата под водство на кустоската Летиција Тревес требаше да ја исправи историската неправда на занемарувањето на оваа исклучителна уметница. Меѓу делата што требаше да бидат изложени е и тинејџерското ремек-дело на Џентилески, „Сузана и старците“, кое го насликала во 1610 г. кога имала само 17 години.
Ликовниот критичар на „Гардијан“ Џонатан Џоунс тврди дека изложбата ќе покаже дека таа не е уметница што има само една или две добри слики, туку дека целиот нејзин опус е вреден.

Во Националната галерија во Лондон требаше да стигне и делото „Лукреција“, неодамна на аукција во Париз продадено за речиси пет милиони евра, што за уметница од почетокот на 17 век е апсолутен рекорд. Претходно Националната галерија за 3,6 милиони фунти го купи автопортретот на Артемизија Џентилески, на кој се насликала како ликот на света Катарина од Александрија. Вкупно беше предвидено да бидат прикажани дури 35 нејзини дела.

Судбината на Артемизија Џентилески долго не била позната. Нејзиното име, како и сликарство, се откриени и валоризирани дури со феминистичкото движење. Инаку, Џентилески и самата станала жртва на злосторството што ликот од нејзиното дело, Лукреција, го доживеала: ја силувал сликарски пријател на татко ѝ и таа поминала низ понижувачко судење, во чиј тек јавно била прегледана за да се утврди нејзината девственост. Седумнаесетгодишната Артемизија Џентилески ја предвидела ситуацијата во која самата ќе биде изложена, прикажувајќи го општеството во кое мажите љубоморно го одржуваат поредокот над женските тела. Една од ретките жени сликари на италијанскиот барок, Артемизија денес се смета за еден од најдобрите наследници на стилот на Караваџо. Но нејзините дела, полни со насилство и крв, се всушност последица на нејзината трагична животна судбина.