Во македонската амбасада во Париз вечерва уметникот Страхил M. Петровски ќе го презентира својот мултидисциплинарен проект „Урбани еха“, како резултат на неговиот резиденцијален престој во истиот град. Со над педесетте црно-бели дигитални фотографии поделени во три циклуси, Петровски со триптих дигитални принтови на церада, со наслов „Прегрнувајќи ја неизвесноста“, и со видеозаписот „Црвена пилула/Сина пилула“, ќе укаже на постоењето на индивидуалниот идентитет во турбулентноста на современиот хаос.
– Авторот преку фрагментирани рефлексии на урбаното секојдневие – празни напуштени места, улици, разурнати згради или излози, графити, симболи, знаци, кодови, луѓе, сенки, пароли, бројки… ја екстрахира есенцијата на егзистенцијата на современиот човек. Уметникот појаснува дека проектот е негова субјективна реакција и рефлексија на она што ни се случува во ова проблематично и турбулентно време, време на конфликти од секаков тип, политички превирања и разлики, на изместени вредности, бескрупулозност, континуиран страв и притисок од сите страни, хаос што речиси секогаш е неповратен, кризи што влијаат на виталноста на целата планета. Во ова творештво тој се обидува да ги истражи вредностите, постоењето, слободата, напредокот, наспроти цензурата и самоцензурата, кои им се спротивставуваат на првичните принципи и ја ставаат под ризик слободата на човештвото – посочува кураторката на проектот Маја Чанкуловска-Михајловска.
Страхил Петровски дипломирал и завршил постдипломски студии на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, каде што работи како советник-конзерватор во Националниот конзерваторски центар. Член е на Друштвото на ликовни уметности на Македонија, на ИКОМОС и на ИКОМ.