Во големата сала од Центарот за култура во Кичево, вечерва со почеток во 20 часот, ќе настапи Трио Концерт, со што ќе биде промовирано новото Гранд пијано, подарок на печалбарите од кичевскиот регион во САД, кои за оваа потреба собрале 20 илјади долари. Ова пијано од јапонско производство, марка „Кавај“, единствено на нашиве простори, ќе им стои на располагање на гостите кои музицираат на овој инструмент или на локалните пијанисти.
– Вториот културен настан после корона-кризата во нашиот град е вечерашниот настап на Трио Концерт, што го сочинуваат ,Шкељзен Бафтијари – пијано, Шкељзен Пајазити – виолина и Јетмир Мехмеди – гитара. Ова ќе биде воедно за првпат после подолг период да се случува еден настан во големата сала од центарот. Вечерашниот концет ќе биде и единствен и запаметен по промоцијата на новото пијано, подарок на нашите печалбари од САД. Очекуваме врвно музицирање и ретко доживување за присутните во салата , каде ќе бидат запазени сите протоколи поврзани со ковид-19 – рече Мазлам Османи, директор на Центарот. З.А.