„Божествениот звук на Малер“ е наслов на концертот што вечерва ќе се одржи во Филхармонијата со почеток во 19 часот. Филхармонискиот оркестар под диригентство на маестро Габриел Бебешелеа ќе ја изведе Четвртата симфонија, ремек-делото на австрискиот композитор Густав Малер, а како солистка ќе настапи сопранистката Милена Арсовска. Симфонијата е во аранжман на Иан Фарингтон, кој ја адаптирал за изведба со помал оркестарски состав.
– Три години по завршувањето на неговата последна симфонија, Густав Малер започнал да работи на своето следно обемно дело. Релативно брзо, за само десетина дена, успеал да направи скици, но решил да не продолжи понатаму. По краток период, повторно се навратил на компонирањето и за само неколку месеци успеал да го заврши најсофистицираното и најнеобично дело што го напишал дотогаш – Симфонијата бр. 4. Постојат повеќе аранжмани на оваа симфонија. Еден од нив е и аранжманот на Иан Фарингтон, пишуван за ансамбл составен од 15 изведувачи. Задржувајќи го карактерот на оригиналното дело и третирајќи го секој изведувач како солист, Фарингтон успева да ги открие и оние помалку скриени аспекти на Симфонија бр. 4, кои слушателот тешко може да ги забележи при изведбата на оригиналното дело – посочуваат од Филхармонијата.
Милена Арсовска се смета за една од најистакнатите македонски вокални уметници од поновата генерација, со успешна меѓународна кариера. Дипломирала соло-пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрирала на Универзитетот за музика и уметности во Виена. За време на студиите, таа се усовршувала и посетувала мастер-часови кај Клаудија Виска, Дорин Дефеис, Џејмс Хупер и Јоан Холендер. Арсовска е добитничка на голем број награди и признанија, меѓу кои е и втората награда на натпреварот „Достал оперета“ во Виена, а била и финалистка на престижниот натпревар за млади пејачи „Лејла Генчер“. Таа како пејачка дебитира во Македонската опера и балет каде што настапува во продукциите на оперите „Волшебната флејта“, „Свртување на шрафот“ и др. Во Театарот во Виена првпат настапила во 2010 година со оперетата „Лилјакот“, а следувале и настапи во театрите во Магдебург и во Прага, како и на повеќе фестивали. На нејзиниот репертоар се и улогите на Лаурета во „Џани Скики“, Памина и Папагена во „Волшебната флејта“ и Евридика во „Орфеј во подземјето и др.“, Блонда во „Грабнување од сарајот“ и Церлина во „Дон Џовани“. Моментно е дел од продукцијата „Свадбата на Фигаро“ во престижната опера во Вајмар. Нејзините снимени изданија, пак, ја вклучуваат живата снимка на „Чичестерови псалми“ од Леонард Бернштајн со Камерниот оркестар на Виена, а нејзиниот глас е искористен и во музиката за македонските филмови „Големата вода“ и „Војната заврши“.
Маестро Габриел Бебешелеа, е шеф-диригент на Филхармонијата на Република Македонија, чија репутација брзо почнува да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио тој сними цеде со сè уште необјавената опера на Жорж Енеску – „Духови“, како и со неговата „Пасторала – фантазија за мал оркестар“. На триесетгодишна возраст се сметал за еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија. Добитник е на првите награди на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“ во Загреб и на натпреварот на Музичката младина во Букурешт, а бил и полуфиналист на натпреварот за диригенти „Донатела Флик“ на Лондонскиот симфониски оркестар и на натпреварот „Густав Малер“ со симфонискиот оркестар „Бамберг“. Моментно живее во Виена, каде што ги завршил постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.