Инстаграм лого (Фото: Пекселс)

Милиони луѓе ширум светот денеска останаа без Инстаграм поради голема техничка грешка што изненади многумина, вклучително и пораката која ја добиваа – дека нивните сметки се суспендирани, објави Н1.

Додека милиони луѓе се подготвуваа да споделат фотографии од нивните костими за Ноќта на вештерките на Инстаграм, многумина едноставно не можеа да се логираат, а други ја добија пораката „Ја суспендиравме вашата сметка на 31 октомври 2022 година“.

Свесни сме дека некои од вас имаат проблеми со пристапот до вашиот Инстаграм профил. Го решаваме проблемот и се извинуваме за непријатностите, потврдија од социјалната мрежа со објава на Твитер.

Пораката за суспензијата од мрежата предизвика збунетост кај многу корисници, кои на други мрежи како Твитер прашаа дали нивната сметка е навистина заклучена или се работи за привремена грешка.

Многу од засегнатите се загрижени дека оваа неоснована суспензија може да доведе до драстичен пад на следбениците. Технолошкиот медиум The Verge објави дека профилот на Инстаграм на португалската фудбалска ѕвезда Кристијано Роналдо наводно изгубил три милиони следбеници за краток временски период.