Војводи на Македонската револуционерна организација

Македонската револуционерна борба од крајот на 19 и почетокот на 20 век и Илинденското востание земаат значајно место во колективното сеќавање на македонскиот народ и во неговата револуционерна традиција во борбата за создавање македонска држава. Најдобра потврда за тоа, но и на континуитетот на борбата за македонска држава, претставува фактот што Првото заседание на АСНОМ, на кое била конституирана македонската држава (на дел од територијата на османлиска Македонија, а во рамките на ФНР Југославија), се одржало токму на 2 август – денот кога започнало Илинденското востание.
Не случајно во македонската химна се споменуваат дури четири имиња (Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Јане Сандански), кои претставуваат своевидни симболи на Организацијата што ја повела македонската борба за сопствена држава. Од 2007 година, 23 Октомври – Денот на основањето на Македонската револуционерна организација е прогласен за државен празник

Фељтон по повод 120 години од Илинденското востание (2)

Весникот „Дело“, кој излегувал под редакторство на Пеју Јаворов како македоно-одрински лист, во март 1902 година, меѓу другото, пишува дека Организацијата против ВМОК води идејна и принципиелна борба против настојувањата на разни државници и царедворци, кои македонското прашање го замислувале како грне во кое секој може да си ги пика рацете и дека победата во таа борба за „полна автономија и хегемонија на Внатрешната организација“ и триумфот на овој принцип, во исто време „е и победа на идната автономна и независна Македонија“.
Десетина дена подоцна истиот весник пишува дека ВМОК на Михаловски-Цончев со својата политика уште на зачеток сака да ја убие „иднината на независна Македонија“. Во септември 1902 година, кога судирот меѓу ТМОРО и ВМОК достигнува кулминација, весникот „Право“, пишувајќи во контекст на надворешните пропаганди во Македонија, нагласува: „Тука е силата на Внатрешната организација, која ќе му даде на секој да разбере дека работи за единството и независноста на Македонија, како слободна држава – на Балканскиот Полуостров. Таа организација давала и во иднина ќе дава нови и понови докази дека не е агент на ниту една од соседните држави, туку агент само на македонската слобода и независност. Со таквите докази таа постепено ќе го организира идниот, иако и разнобоен, но способен да се самоуправува мирно и тивко, македонски народ“.
Истата 1902 година од перото на Петар Бошнаков (активист на ТМОРО), под псевдонимот „Еден Македонец“, излезе книшката „Бугарската пропаганда во Македонија и Одринско“. Во неа меѓу другото пишува: „Таа организација (ТМОРО, б.н.), имајќи револуционерна програма, е постојан и жесток пакосник на стремежите на Егзархијата, зашто таа нема задача да ја осуштестви ‘Велика Бугарија’, за која, како што кажавме, војуваат сите испратени просветители од Бугарија на чело со егзархот, туку да даде политичка слобода за рајата, да создаде почва за културен и економски напредок, откако ќе прогласи ‘самостојна македонска државичка на Балканот…’ А, од последното се плашат и стресуваат и егзархијата, и официјална Бугарија“
Определбата за слободна, самостојна и независна Македонија е присутна и во востаничката 1903 година. Тоа фигурира во официјални документи што му ги издавала Организацијата на населението, а, пак, на востаничките капи како амблем бил ставан грбот на Македонија. Конкретно, за време на востанието османлиските војски во Охридскиот Реон, меѓу другото, заплениле и признаници (расписки) за примени пари како заем од конкретни лица. Така, во признаницата потпишана од Антон Кецкаров стои дека „татковината се обврзува“ позајмените пари да ги врати во „самостојна Македонија“. Во друга признаница, потпишана од Никола Златарев, стои дека Организацијата се обврзува „позајмената сума да ја исплати во целост… при независност на Македонија“. По судирот кај с. Мраморец биле запленети капи со „грбот на Македонија“.

Ваквите документи и капи со грбот на Македонија не само што ја илустрираат вистинската определба на Организацијата туку преку нив се пренесува и пораката до населението во чие име и за какви идеали се води борбата. Во „Прокламацијата до турскиот народ“ (Крушевскиот манифест) издадена од Штабот на крушевските востаници, муслиманите се повикуваат „под бајракот на ‘Автономна Македонија’“, „Македонија е нашата заедничка мајка…“. Притоа, прокламацијата завршува со: „Ураа! За ‘Автономна Македонија’“. Даме Груев, член на главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ, во отвореното писмо до Хусеин Хилми-паша од септември 1903 година, меѓу другото, пишува: „Можеби не е далеку часот, кога над облеаната во крв Македонија ќе засвети сонцето на слободата“.
Јасен, недвосмислен и категоричен став во поглед на автономијата на Македонија и суштинските разлики по тоа прашање меѓу ТМОРО и ВМОК за време на востанието во Серскиот револуционерен округ во 1903 година искажал Јане Сандански. При полемиката со Георги Белев (секретар на ВМОК), Сандански рекол: „Ние решително се спротивставувавме на Вашите офицери, зашто го знаевме нивното воспитување, нивните интимни замисли. Тие се луѓе што дале клетва за верност на бугарскиот кнез и на бугарската држава, затоа тие не можат да бидат друго, освен нивни слепи и послушни орудија. А, пак, ние не сакаме да ја замениме турската тиранија и турските султани со други такви, дури ни со бугарска тиранија и бугарскиот кнез. Ние сакаме Македонија да биде автономна, слободна, независна, Македонија на Македонците… Вие ја сакате слободата на Македонија… како средство, како етапа за идното завојување и присоединување, а кај нас, слободата, автономијата на Македонија е легната како цел. Ете каде е големата разлика меѓу Нас – внатрешните и Вас – врховистите“.
Кога сме кај востаничката 1903 година, патем да одбележиме како населението го доживувало востанието и што очекувало. Овие чувства кон востанието и кон политичките очекувања се изложени во претставките што населението од Битолскиот Округ во летото 1904 година ги доставувало до канцелариите на цивилните агенти и офицерите – учесници во Мирцштегската реформска програма. Во нив востанието е квалификувано како „македонското бурно востание за слобода…“; „македонскиот бунт за слобода“; „бурното македонско движење за слобода“; „ослободителната револуција“. А, пак, политичките барања се формулирани како „замена на постојната управа со нова – автономна за Македонија“; „да ни се даде една автономна управа“; „една полна автономија на чело со наши христијански губернатори“; „една трајна автономија, со христијанин – губернатор“; „воведување автономија на Македонија, со губернатор христијанин“; „автономна управа со христијански губернатор“; „полна автономна управа“.

Во Директивата за идната дејност на Организацијата од јануари 1904 година веќе се зборува за идното политичко устројство на Македонија. Во таа смисла се вели: „…идниот политички живот на Македонија заснован на една претставничка управа, која ќе подготви услови за балканска федерација. Овие институти (претставничката управа и балканската федерација), треба да бидат во состојба да им ги гарантираат правата на сите националности, кои ја населуваат територијата на Организацијата“. Истата 1904 година, Димо Хаџи Димов смета дека Организацијата треба да го воспитува населението за „идно федеративно републиканско управување по примерот на Швајцарија – единствено што може да ја зачува независноста на нашата татковина… Едно федеративно републиканско управување во нашата татковина може да ги задоволи сите народности, може да премавне секаква почва за борба меѓу конкурентските држави; тоа може да се јави како најдобар проводник за остварување на идејата за Балканска федерација“
За идното политичко уредување и за подготвувањето на населението за слободен живот се зборува и во официјалниот додаток (притурка) кон официјалниот орган на Организацијата, „Револуционерен лист“, од јуни 1905 година. Организацијата „не воспитува и не подготвува само совесни револуционерни сили… таа го воспитува и подготвува целото население за еден слободен живот… таа истовремено го воспитува идниот слободен граѓанин“. Притоа се нагласува: „Сегашното внатрешно устројство на Организацијата, со еден збор, е еден вид трасирање… на идното парламентарно уредување на земјата“.

проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев од Институтот за историја

(Продолжува)