„Дојче веле“ излезе со анализа што предизвикува сериозна тревога во Германија. Имено, инфлацијата и напливот на бегалци во Германија прават голем притисок врз банките за храна, поради што се поставува прашањето дали државата ќе преземе некакви мерки за да го реши овој проблем…

Украинскиот конфликт со силен негативен импакт и од еден друг аспект на „локомотивата на ЕУ“

Над 900 банки за храна во Германија се под надзор на добротворната организација „Тафел“ и го поддржуваат секој што може да докаже дека се соочува со финансиски тешкотии. Но сè помалку компании донираат во овие банки за храна, иако побарувачката расте во услови на висока инфлација и прилив на украински бегалци. Затоа банките за храна сега ја повикуваат германската држава на помош.
Растечката потреба за помош во храна е јасно видлива во берлинскиот кварт Кепеник, каде што има пункт за дистрибуција на прехранбени производи. Редица луѓе стојат надвор во ред и покрај топлото време. Трошоците за храна се зголемени за речиси 15 отсто во споредба со минатата година, при што инфлацијата изнесува 7,3 отсто, според германската федерална статистичка служба. За многумина, ова значи дека парите едвај стигнуваат, поради што тие се потпираат на банките за храна за да го преживеат месецот. Откако Русија влезе во конфликт со Украина во февруари 2022 година, 20 отсто од германските банки за храна забележаа двојно зголемување на бројот на луѓе зависни од прехранбените производи со попуст, известува федералното здружение „Тафел“ (првата германска банка за храна). Керол Селе од пунктот во Кепеник за „Дојче веле“ изјави дека пред војната еднаш неделно доаѓале не повеќе од 340 луѓе, но сега често има над 500.

Зголемен број корисници на „банките за храна“ поради војната во Украина

Керол Селе од пунктот во Кепеник изјави за „Дојче веле“ дека војната во Украина била причината за зголемениот број корисници на банките за храна, но не постоело ограничување за користењето на услугата. Секој со потребната документација што докажува дека има потреба може да добие помош во храна. Сепак, другите банки за храна веќе почнаа да го намалуваат количеството храна што ја делат по лице, а некои, исто така, престанаа да примаат нови луѓе.
Волонтерите во Берлин ја основаа првата германска банка за храна „Тафел“ во 1993 година. Организацијата вели дека поддржува околу два милиона луѓе, а регионалните филијали добиваат храна и финансиски донации. Тие, исто така, гледаат поддршка од големите синџири на супермаркети, кои донираат вишок храна и предмети што инаку би завршиле во ѓубрето.

Спас за сиромашните

Германските банки за храна им помагаат на луѓето што живеат во сиромаштија, имено, на оние што имаат на располагање помалку од 60 отсто од просечниот нето-приход. Во Германија, според оваа дефиниција, се смета дека околу 13 милиони луѓе живеат под прагот на сиромаштијата. Но донациите на храна веќе некое време се намалуваат, велат од „Тафел“. Еден фактор е тоа што супермаркетите сега имаат тенденција да работат поекономично, така што на крајот од денот не им останува толку многу храна. Друг фактор е што банките за храна, кои работат независно, се во криза и не можат да надоместат за пропустите на државата. Од „Тафел“ велат дека политичкиот естаблишмент мора да ги исполни своите должности и повикаа на основно, државно финансирање, за да може организацијата да ја гарантира својата работа. Засега, сепак, останува нејасно дали германската држава ќе ја поддржи оваа идеја.


Нема доволно работници и покрај одличните услови што се нудат

Здружението на угостители „Дехога“ деновиве објави соопштение во кое укажува дека на германските ресторани и хотели моментално им недостигаат повеќе од 65.000 работници. Недостигот од вработени, според истражувањето што се спроведува на месечно ниво, е константен.
– Сојузната агенција за работа пријави 33.160 слободни работни места во угостителството за месец јуни. Меѓутоа претпоставуваме дека реалната побарувачка е најмалку двојно поголема, бидејќи многу компании не ги пријавуваат своите слободни работни места – изјавила Сандра Варден, експертка за пазарот за работа од здружението „Дехога“.
Дека се работи за долготраен проблем, кој бара решавање, Варден укажала на бројките од јуни 2019 година, кога биле пријавени речиси 40.000 слободни работни места.
– Особено сега во сезона на годишни одмори и зголемен интерес за туристички дестинации, потребата и натаму расте. Има објекти што поради недостигот од вработени се принудени да го скратат своето работно време, да затворат одредени денови или да ја ограничат понудата во менито – вели таа.
Некои ресторани почнале да воведуваат самопослужување. „Дехога“ се надева дека за брзо ќе се почувствуваат ефектите од Законот за стручна работна сила од странство и дека странците ќе можат полесно да дојдат до работа.
Во угостителството просечните плати се движат од 2.000 до 3.000 евра. Во просек, келнери заработуваат до 3.750 евра, готвачи до 6.500 евра, пекари до 4.000 евра, а рецепционери 1.700 евра. Работниците во угостителството често добиваат бакшиш и бесплатен оброк во текот на работното време, а тука се и бенефициите како флексибилно работно време и можност за напредување во кариерата.

Подготвил: Mарјан Велевски