Во анализата на Ханс фон дер Бурхард за „Политико“ се истакнува дека во Германија следуваат „историски кратења на трошоците“ што ќе ги погодат клучните сектори за здравство, детска нега, образование…

Германија: Кратењето на германскиот буџет стави „клин“ во владејачката коалиција

Германците повеќе не можат да се луксузираат. По една деценија зголемување на трошоците, германската влада неодамна ги усвои плановите за намалување на буџетот за следната година за 30,6 милијарди евра, што ќе влијае на областите од здравството до грижата за децата и јавниот транспорт. Ова предизвика жестоки политички битки во владејачката коалиција и создаде големи поделби.
Зголемениот јавен долг од пандемијата и енергетската криза предизвикана од конфликтот во Украина значеше дека драстичните кратења сега беа неизбежни, рече министерот за финансии Кристијан Линднер. Тој инсистираше на тоа дека земјата ќе се врати на построги фискални политики што ја почитуваат уставно пропишаната должничка кочница на земјата, која ги ограничува трошоците. Министерот за финансии на Германија рече дека земјата е на почетокот на фискалниот пресврт и затоа треба да се ослободи државата од долгови без да се оптоварат народот и деловниот сектор со повеќе даноци.
Намалувањето на даночните приходи и податоците од минатиот месец, кои покажуваат дека Германија паднала во рецесија, дополнително го намалија просторот за маневрирање на Линднер. Кратењата ќе ги погодат сите владини министерства, освен оние за одбрана и за труд и благосостојба. Плановите веќе доведоа до жестоки расправии меѓу политичарите од трипартиската владејачка коалиција на Социјалдемократите (СПД) на канцеларот Олаф Шолц, Зелените и Слободната демократска партија (ФДП) на Линднер.

Кочница за иднината

Работничките синдикати ги критикуваа предлозите. Инсистирањето на Линднер да се врати на должничката кочница, која го ограничува задолжувањето на дел од БДП, става „кочница на иднината“, особено во време кога постојат повеќе предизвици, како што се зелената транзиција и социјалните прашања, порача Стефан Корзел од германската Федерација на синдикатите. Кратењата се многу поголеми од првичната бројка од 18 до 22 милијарди евра што ја спомна минатиот месец министерот за економија на Зелените, Роберт Хабек. Сепак, Владата сè уште планира нов долг од 16,6 милијарди евра следната година, кој е максималниот износ што е дозволен под должничката кочница. Наесен ќе биде побарано од германскиот парламент да го одобри буџетот за следната година.
Зелените се особено вознемирени поради буџетските кратења наметнати на министерката за семејство Лиза Паус, за кои велат дека се одговорни за тоа што Владата мора да го намали дарежливиот додаток на Германија, кој им дозволува на двојките да земаат родителско отсуство до 14 месеци. Спорот толку многу ескалира што пратениците од Зелените и ФДП споделија доверливи владини писма на Твитер во обид да покажат кој треба да биде обвинет за буџетските кратења. Од своја страна, Линднер се огласи на Твитер и ѝ кажа на Паус дека можела да заштеди и во други области.
Додека само високоплатените домаќинства со годишен приход над 150.000 евра би биле погодени од кратењата и повеќе нема да имаат пристап до додатокот за деца, Зелените се критични бидејќи стравуваат дека ова ќе го намали бројот на мажи со високи плати, кои земаат одмор од работа, враќајќи им на жените поголем товар од грижата за децата. Планот го нападна и опозицијата. Марио Чаја, генерален секретар на централно-десничарската ЦДУ, зборуваше дека тоа ќе биде „шлаканица за вработените родители што де факто создава двокласно општество“. Но Шолц истакна дека неговата влада останува посветена на спроведувањето на еден од клучните проекти на Зелените, а тоа е основен додаток за деца од домаќинства со ниски приходи, кој треба да се воведе во 2025 година, но финансирањето сè уште е неизвесно.
Друг сектор што ќе биде силно погоден е здравството. Карл Лаутербах, министерот за здравство, најави дека неговиот оддел ќе ја укине државната субвенција за долгорочно осигурување.

Области погодени од сериозното намалување на трошоците: образование, железница, одбрана

Други области погодени од сериозното намалување на трошоците се образованието, кое ќе ја намали способноста на Владата да ги финансира студентските фондови и транспортот, што значи дека Берлин може да обезбеди помалку пари за реновирање на железничката мрежа во земјата. Германскиот железнички оператор изјави дека му требаат 45 милијарди евра до 2027 година за надградба и да се подготви за зголемен број патници – цел на Владата бидејќи Германија сака да го поттикне железничкиот сообраќај за да ги намали емисиите на јаглерод. Сепак, буџетските планови на Линднер предвидуваат само околу 12 милијарди евра од 2024 до 2027 година. Иако Владата планира да искористи специјален климатски фонд за да испумпува повеќе пари во железничкиот сектор, не е јасно дали тој фонд ќе има доволно финансиска моќ да ги исполни потребите на германската железница, со оглед на тоа што се користи и за плаќање за други потреби, како што се субвенциите од 10 милијарди евра за нова фабрика за чипови на „Интел“ во источна Германија.
Буџетот за одбрана на Германија ќе биде поштеден од кратења следната година и малку ќе се зголеми од 50 на речиси 52 милијарди евра. Сепак, се предвидува дека тоа зголемување ќе ги покрие само зголемените трошоци поради инфлацијата и нема да биде доволно да се платат итно потребните инвестиции за зајакнување на воените капацитети на Германија во услови на конфликтот во Украина и прокламираната промена на Шолц во надворешната и одбранбената политика.
Засега, Шолц рече дека Владата ќе искористи специјален фонд од 100 милијарди евра за воено вооружување за да ги плати тие инвестиции и да ја исполни целта на НАТО да потроши најмалку два отсто од БДП за одбраната од следната година. Сепак, сè уште е нејасно како Германија сака трајно да ја исполни целта на НАТО од два отсто штом тој специјален фонд ќе почне да пресушува од 2026 година.