Триесет и пет години независност на Македонија (2)
- Кај голем дел од партиите, и оние што беа во Собранието и оние што беа надвор од него, како и кај граѓаните, немаше некаков видливо преовладувачки став дали да се остане во Југославија или брзо да се дојде до независност. А и меѓу политичарите од врвот, иако јавно се изјаснуваа за самостојност, постоеше колебање, кое, на еден или на друг начин, го соопштуваа или умешно вербално го маскираа
Зад идејата за самостојна Република Македонија, идеја што прво ја промовираше ВМРО-ДПМНЕ, стоеја сите политички партии застапени во Собранието уште од јануари истата година кога беше усвоена Декларацијата на независна и суверена држава. Одлуката за самостојност е неоспорна, меѓутоа се појавија партиски разлики околу начинот како да се спроведе. ВМРО-ДПМНЕ бараше експресност, другите тактичност и внимателност со земање предвид на сите околности, можни ризици и сериозни опасности. Кај голем дел од партиите, и оние што беа во Собранието и оние што беа надвор од него, како и кај граѓаните, немаше некаков видливо преовладувачки став дали да се остане во Југославија или брзо да се дојде до независност. А и меѓу политичарите од врвот, иако јавно се изјаснуваа за самостојност, постоеше колебање, кое, на еден или на друг начин, го соопштуваа или умешно вербално го маскираа.
Првите изјави за осамостојувањето и постапката за референдумот
Меѓу првите изјави околу осамостојувањето беше изјавата на претседателот Глигоров дека доколку се изврши сецесија на Словенија и Хрватска, тогаш во остатокот на некаква Југославија нема да биде Македонија. Доколку поранешните републики со новите лидери се договорат за некаков иден сојуз, тогаш е можно Македонија да се приклучи кон него. Тој двосмислен став станува оската околу која се вртеше целиот процес, околу кој се одвиваа предлозите, активностите, средбите и предлозите. Сепак, времето, настаните, околностите, ширењето на воените судири, беа услови што водеа кон разврска што би ја определила независноста како конечна опција.

На 26 јули почнува 20. седница на Собранието. Обемен реферат поднесува Васил Тупурковски, тогашен член на Претседателството на СФРЈ, една од најпопуларните политички фигури во Македонија во тој период. Отворено соопштува дека на Југославија ѝ се заканува распад и дека македонското раководство мора да ги разгледува сите можни опции – од останување до осамостојување. Го изнесува ставот за независноста, кој е условен. Имено, само самостојна и независна Македонија е предуслов за влегување во некаков сојуз. Во врска со безбедносната ситуација кажува дека надвор од составот на ЈНА има повеќе од 200 илјади организирани припадници на разни воени сили што располагаат со разно убиствено оружје. Краток пресек на состојбата во републиката дава Блаже Ристовски, потпретседател на Владата. Не навлегува во прашањето за определбата, иако е еден од пионерите во поддршка на самостојноста, но укажува на сериозните опасности за можни воени провокации на територијата на државата.
Пратеничките групи на Социјалдемократскиот сојуз предводени од Бранко Црвенковски и Либералната партија на Стојан Андов побараа по итна постапка да се донесе одлука за спроведување референдум и прогласување на Македонија за самостојна држава и за нејзино вклучување во југословенскиот сојуз на суверени држави. Според предлогот, референдумот би се одржал на 8 септември, а граѓаните да се изјаснат по прашањето кое би гласело „Дали сте за самостојна и суверена Македонија и за нејзино пристапување во сојуз на суверени држави на Југославија“. Според предлогот, одлуката ќе се применува со одложен рок, односно откако за неа ќе се изјаснат мнозинството од граѓаните на закажаниот референдум.
Истовремено и Владата достави мислење за процедурата, според која, првин Собранието треба да донесе одлука за распишување референдум на 8 септември со истото прашање што го утврдуваа пратениците. Освен тоа, Владата бараше да се забрза процесот за донесување на Уставот, да се донесе уставен закон за независноста со придружните акти и сето да се заврши до 30 септември.
На познавачите на околностите во меѓупартиските преговори им беше јасно дека предлогот за дефиницијата на прашањето и за утврдување на датумот беше по претходен договор меѓу претседателот Глигоров и двете партии СДСМ и Либералната. Сигурно е дека и Владата се консултирала со Глигоров и се согласила со таквиот став. Иако поголем дел од владата и самиот премиер Кљусев беа „производ“ на ВМРО-ДПМНЕ, овој пат тие застанаа зад упатствата на претседателот.
Чиј предлог беше референдумското прашање?
Интересно е што до денес нема категоричен одговор чија идеја и чиј предлог е дефиницијата на прашањето. Се јавуваат неколкумина што полагаат на некакво „авторство“, но нема конечен одговор кој е вистинскиот татко. Сепак и покрај двојбеноста и покрај енигмата кој е неговиот автор, прашањето беше израз на компромис меѓу ВМРО, кое беше на јасни позиции за самостојноста, и на социјалдемократите и либералите, кои негуваа скриена надеж дека има спас за југословенската држава. Рамнотежен компромис меѓу подостарените конзервативни, но влијателни пројугословенски сили и приврзаниците на новите национални процеси, на таканаречената нова зора на македонската слобода.
Самото прашање внесе не мала забуна што сака Македонија – дали сака вистинска независност или сака да влезе во каква било скратена Југославија? Граѓаните и дел од партии изразуваа сомневање во крајната намера, едните сметаа дека е загрозена самата идеја за независност, другите искажуваа загриженост што би се случувало со иднината на Македонија доколку се оддели од Југославија.
Во меѓувреме ВМРО-ДПМНЕ предлага поинаков референдум, односно бара да има изјаснување за две одвоени прашања, независни едно од друго, на две гласачки ливчиња. Едното прашање би гласело: „Дали сте за самостојна и суверена Македонија“, а второто „Дали сте за шест југословенски суверени држави“. Предлага граѓаните и на едното и на другото прашање да одговараат со „да“ и „не“ и врз основа на тие резултатите определбата на гласачите да биде чиста и недвосмислена. Како датум за таквиот референдум го предлага 22 септември. Претходно и ПДП бараше пролонгирање на датумот.
За одбележување е што на долгата седница на Собранието, повеќемина пратеници од ДПМНЕ во своите дискусии се искажуваа против референдумот. Тие инсистираа првин да се изгласа нивната резолуција за прогласување независност и да се донесе закон за самостојност, а потоа да се одржи референдум. Нивниот лидер Љубчо Георгиевски, кој ја вршеше функцијата потпретседател на претседателот, изразуваше јавна недоверба во свесноста на македонскиот народ дека може сам да изгласа самостојност и сувереност. Изнесе мислење дека по два месеца, Македонија ќе влезе во Србославија.
И потпретседателот на Собранието од редовите на таа партија, Драги Арсов, (пред тоа долгогодишен новинар на „Нова Македонија“ и дописник од Белград) до последен момент се залагаше да не биде донесена одлуката за распишување референдум. Најупорни во тие барања беа пратениците Ратка Димитрова и Томислав Стојановски-Далавера од Куманово. Димитрова сметаше дека референдумот, така како што се предлага, е лажен, би бил еден вид незадолжително изјаснување, квазиреферендум. Сите тие имаа сомневања за вистинските намери на така поставеното прашање, во кое гледаа српска замка за останување во Југославија. Сѐ на се, ВМРО-ДПМНЕ се сомневаше во намерите со двојноста на прашањето и во разврската што ќе води кон осамостојување.
Надвор од Собранието против референдумот се изјаснуваше и партијата под име СК Движење за Југославија, што од Белград го предводеше Мира Марковиќ, сопругата на Слободан Милошевиќ. Бара вториот дел од прашањето да се смета за задолжително и без какви било отстапки, поточно останувањето во Југославија да биде обврзувачко, без разлика колкав би бил тој сојуз. Иако се закануваше со инциденти и протести, влијанието на таа партија на самиот терен беше ефемерно, но имаше силни упоришта во дел на Куманово и во Битола.
Одлуката за референдум поддржана од сите партии
Конечно, на 7 август, среда, неколку минути пред полноќ, по четиридневна дискусија, Собранието ја заврши 20. седница. Наместо со гласање, како што се очекуваше, и покрај спротивставените ставови, со акламација беше донесена одлуката за референдум на 8 септември. Предлогот го поддржаа сите партии, вклучувајќи го и ВМРО-ДПМНЕ, иако цело време даваше отпор поставувајќи услов првин да се донесе уставен закон за самостојност. Инсистираше законот да добие приоритет пред референдумот. Но не се криеше дека партијата има и други планови, други поинакви намери.
На 8 август Собранието донесе проглас до граѓаните на Република Македонија со повик да се гласа на референдумот по усвоеното прашање и на утврдениот датум, по што можеше да почне и официјалната кампања.
(продолжува)
































