Илустрација Никола Ристевски,„Нова Македонија“

„Од Митровден до Ѓурѓовден“ (21)

Сверх планиње македонских
ежедневна темнина.
Дал’ покрила темна могла ил’ темен облак?
Дал’ естество ноќ створило – темно да бидет
В кралевину Македонску
од времја оно до века,
Та в темнина току се слушат
страшен викот, пљускотит?
Громогласен као топовски
сам јекот се разносит…
Не се знает дал’ е тотон,
дали драга или пискање?
Само се слушат велегласно укање…
Оно не је темна могла, нито тотон,
а ни топови,
Току је тожба самовилска с верх
сви планиње.

Од „Самовила македонска“ на Ѓорѓија Пулевски

Македонското востание од 1878 година претставува еден од најсложените, најзначајни и истовремено најтрагични столбови на македонската Националноослободителна борба. Како директен одговор на неправедните одлуки на Берлинскиот конгрес, ова востание не е само воен судир со отоманската власт туку и прв сериозен обид за политичко-правно конституирање на Македонија како посебна државна единица. Тоа е моментот кога македонската револуционерна мисла веќе јасно преминала од желба за слобода во јасно дефинирана политичка програма за автономија и државност. Подготовките беа предводени од истакнати интелектуалци и духовници како поп Стојан Разловски и војводата Димитар Поп-Георгиев Беровски, кои ја препознале историската неопходност Македонија самата да го постави своето прашање пред светската дипломатија. Организирањето доброволни чети и формирањето единствен штаб на востанието претставуваат знаци на висока воена зрелост, а најзначајниот документ – „Правилата на Македонскиот востанички комитет“ – е од капитално значење бидејќи во него јасно се дефинираат целите на борбата: ослободување на Македонија и нејзино конституирање како автономна држава. Уставот содржи одредби за организација на локалната власт, за заштита на сите граѓани без разлика на вера и народност, и за формирање редовна војска. Тоа е правен доказ дека востаниците немале само желба да се борат туку имале визија за тоа како треба да изгледа една слободна македонска држава, заснована на начелата на демократијата и правдата.
Во текот на бурните години на источната криза, македонскиот народ не стоел настрана како нем набљудувач. Напротив, тој силно партиципирал во клучните настани преку Разловечкото, Пијанечкото, Кумановското и Кривопаланечкото востание. Македонските доброволци масовно се вклучувале со своите чети и во воените судири на Српско-турската и Руско-турската војна, верувајќи дека сопствената крв ќе биде влог за идната слобода. Сепак, големите сили, а особено Русија, покажале целосна рамнодушност кон македонската национална самобитност. Со прелиминарниот Санстефански договор, тие решиле речиси цела Македонија да ја инкорпорираат во рамките на новосоздадената голема Бугарија. Меѓутоа, оваа политичка карта траела кратко. Само три месеци подоцна, на Берлинскиот конгрес, големите сили со леснотија ја прекроиле судбината на народот и ја вратиле Македонија под директна власт на Османлиската Империја. Ваквите одлуки, кај Македонците предизвикале длабоко разочарување и целосно губење на довербата во меѓународната правда, во искреноста на европската дипломатија, но и во намерите на соседните држави. Подготовките за ново востание започнале веднаш штом згаснале топовите на Руско-турската војна. Истакнатите македонски дејци биле решителни во ставот дека слободата не треба да значи само промена на еден господар со друг; тие не го гледале спасот во присоединувањето кон Бугарија и затоа силно се спротивставиле на санстефанските одредби. Народот бил огорчен и од односот на руските преговарачи. Иако Русија му ја ветила Македонија на идното бугарско кнежевство, таа не предвидела руски трупи што би ја окупирале територијата за да ја заштитат од Турците. За османлиските власти, пак, било незамисливо преку обичен лист хартија да им биде одземена земјата со која владееле со векови и која ја сметале за своја по право на мечот. Довербата во надворешните фактори била дополнително поткопана од претходните искуства. Уште во 1870 година, наместо да се обнови Охридската архиепископија, Македонија била ставена под јурисдикција на Бугарската егзархија. Подоцна, во 1876 година на Цариградската конференција, земјата била пак распарчена, а со Санстефанскиот договор целосно подредена на туѓи интереси. Кога Берлинскиот конгрес дефинитивно ја вратил Македонија во прегратките на султанот, незадоволството го достигнало својот врв. Македонците како да не можеле да поверуваат дека Европа свесно го одбила нивното ослободување.

Во август 1878 година, низ земјата веќе била зрела идејата за масовно востание, кое имало јасни ослободителни и државотворни цели. Во септември истата година, настаните се забрзале. На 6 септември, Димитар Поп-Георгиев Беровски ги известил своите соборци дека остварил средба со рускиот губернатор во Софија и дека веќе тргнал кон Рилскиот манастир на нов важен состанок. На 8 септември, во Рилскиот манастир се одржало историско советување. Тука биле присутни поранешниот охридски митрополит Натанаил (од селото Кучевиште), познатиот војвода Иљо Малешевски и самиот Беровски. Тие се сретнале со руските управници на Ќустендил и Дупница, Овсјанин и Шевченко, за да ја анализираат воено-политичката ситуација и да ги договорат деталите за општото македонско востание. На 10 септември, Беровски добил официјално полномошно од граѓаните на Горна Џумаја. Тој бил поставен за главатар на народната стража со задача да ги заштити пограничните села од честите турски напади, за што му била одредена и месечна плата. Додека ги вршеле овие формални задачи, водачите и нивните претставници неуморно агитирале меѓу народот. Се состанувале со други војводи и ајдути, подготвувајќи ги масите за оружена пресметка. Тие дури упатиле и официјално писмо до рускиот раководител во Бугарија, Дондуков-Корсаков, барајќи оружје за околу 900 луѓе, кои веќе биле организирани и го чекале соодветниот момент.
Востаничкиот дух не бил ограничен само на источниот дел. Незадоволството од меѓународните договори ја зафатило целата територија. Во областа меѓу Битола, Охрид и Преспа, веќе во јули на планината Бигла дејствувала четата на Васил војводата од Ресен, која имала околу 500 борци. Во Велешко и Штипско, покрај силите на легендарниот Иљо војводата, активна била и четата на Костадин Буфски. Во Охридско, со организирање нови чети се зафатил Стојан Везенков. Во Костурско, Кожанско и Леринско биле активни четите на Стефо Николов, Митре војводата и други војводи. Сите тие, иако со надеж дека источната криза ќе донесе конечно решение за македонското прашање, на крајот сфатиле дека слободата ќе мора да ја извојуваат сами. Летото 1878 година завршило со вжештена атмосфера, додека востаничкиот пламен веќе се подготвувал да ја зафати цела Македонија.
Востанието официјално започнало на 17 октомври 1878 година со нападот на турскиот гарнизон во Кресна. Брзото ширење на ослободената територија по должината на долината на реката Струма и во регионот на Мелник и Разлог ги изненади и Отоманската Империја и големите сили. Сепак, овој почетен успех набрзо беше засенет од внатрешните конфликти и надворешните влијанија. Уфрлањето туѓи интереси преку „благотворните комитети“ довело до судир меѓу македонското раководство, кое инсистираше на самостојна и автохтона борба, и надворешните фактори, кои сакале да го искористат востанието за свои територијални и политички аспирации. Трагичниот крај на востанието, кој дошол по бруталната турска офанзива и внатрешните поделби, остави длабоки рани во македонското национално ткиво. Сепак, историското значење на Кресненското востание е немерливо. Тоа јасно ја покажа пред светот индивидуалноста на македонското прашање. За разлика од претходните локални бунтови, Кресна беше востание со политички предикат. Тоа беше првиот државотворен акт на македонскиот народ во XIX век, поставувајќи ги темелите на идеологијата што подоцна ќе ја прифати и доразвие Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО).
Денес, го паметиме Кресненското востание како симбол на непокорот пред неправдата на дипломатските маси. Тоа е потсетник дека Македонија никогаш не се помирила со својата судбина на „објект“ во меѓународните односи, туку секогаш тежнеела да биде „субјект“ со своја војска, свој устав и со своја државна визија. Жртвите од Кресна и Разлог се вградени во самата суштина на македонската државна идеја, сведочејќи за долгиот и достоинствен пат до конечното остварување на сонот за слобода.

М-р Никола Ристевски

(продолжува)