Стефан Миленков, млад драмски писател

„Страв“ е насловена новата збирка драми на авторот Стефан Миленков, што внесува нов бран свежина на книжевната сцена. Во рецензијата на Ана Стојаноска се вели дека Миленков пишува драми што треба да бидат играни на сцена, не само читани во книга. Стефан во 2018 година е примен на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на Катедрата по театарска и филмска драматургија, во класата на Маја Стевановиќ. Пред да почне да пишува за театарот, тој доста време поминува и на самата театарска сцена како дел од неколку актерски екипи. Во 2014 година му е доделена награда за најдобра епизодна машка улога во претставата „Чернодрински се враќа дома“ на ДАФ на Македонија – Кочани.

Што содржи книгата „Стр­а­в“?
– Во „Страв“ има четири мои драми. Две се едночинки, една е едноминутна драма и последната е целовечерен драмски текст. Кога би требало сам да ѝ дадам некаков опис, би рекол дека четирите драми се мое целосно соголување и разнежнување со теми што ми биле цврсто врежани во умот и во душата. Во „Страв“ има сѐ за секого. Хумор, тага, емпатија, болка, бес, музика, тишина, хаос и ред, љубов, омраза и уште нешто. Збирката е вистинска амплитуда и се надевам дека ќе успее длабоко да допре до секој што ќе има можност да ја прочита.

Зошто токму драми?
– Израснав во театар и тој ме научи многу. На претстави одам уште пред да почнам со училиште. Сум работел на сцената, зад неа, сум седел пред неа како публика повеќе отколку што сум правел што било во животот. Сега сакам да придонесам во театарот на најдобар начин, преку пишаниот, односно изговорениот збор. Дефинитивно му должам многу на театарот. Среќен сум што таа должност можам да ја исполнам преку нешто што мене ме исполнува најмногу. Во оваа книжевна форма некој буквално говори за мене. Така е и напишано. Преку реплики. Колку и да се репликите напишани за измислен лик со измислен карактер, тоа се сепак мои зборови. Успевам да се скријам каде што нема место за криење. На крајот од денот, сѐ што правам е во името на театарот и за негово подобрување.

Какви дијалози се водат вашите драми?
– Се трудам моите драми да одговараат на прашањата, „што понатаму“ или „добро, што со тоа?“. Сакам да пишувам на теми што се доста познати, но не доволно изразговарани. Знам дека ова звучи доста конфузно, но сметам дека не е доволно да се идентификува некој проблем, а да не се навлезе во неговата срж. Такви се и темите што ги обработувам. На пример, има луѓе шо не почувствувале вистинска љубов, како се тие луѓе, им недостига ли љубов, може ли да им недостига нешто што не го почувствувале? Се трудам да давам одговори на прашања што на сите ни се познати, но се плашиме да ги одговориме. Заедничкото на сите овие прашања е човечкото во нив. Тоа и раскажуваат моите драми. За човечкото или за човекувањето.

Што повеќе натежнува во драмите, реалноста или фикцијата?
– Во драмата може да натежне тоа што сакаме да натежне. Тоа е доброто во овој жанр. На крајот од денот, секој може да има различни дефиниции за она што е реално, а што е фикција. Субјективноста на реалното и фиктивното е она што може да го надгради еден млад автор и да му помогне да си го најде својот авторски печат. Мислам дека реалното секогаш барем малку ќе натежне во драмата затоа што токму во овој вид пишување има едно ново ниво на очовекување на ликовите – тие буквално зборуваат. Драмските ликови ги создавам не за да останат меѓу кориците на книгата, туку за да се очовечат на театарската сцена. Кога веќе се преоѓа во режија, тоа е сосема друга тема на разговор во однос на реалноста и фикцијата.

Драмите како жанр се послабо застапени. На што го припишувате овој недостиг?
– Многу ми е жал што е така, но драмата дефинитивно не е застапена онолку колку што треба. Не сме доволно свесни за моќта што лежи во овој медиум. И драмскиот текст и театарот ја имаат оваа огромна моќ. Треба да погледнеме што значат „Македонска крвава свадба“, „Диво месо“, „Парите се отепувачка“, „Буре барут“… Од друга страна, дефинитивно сме во дефицит на драматурзи и драмски писатели. Не знам зошто е тоа така. Инспирација и проблематики за обработка има. Сигурно секој има нешто што му лежи на душа и сака да го каже. Можеби проблемот лежи во тоа како во последно време се третира театарот, па и уметноста како целина, и колку, односно дали се поддржуваат и образоваат млади уметници.

Чии драми ви беа најсилен поттик да се пробате и вие во овој сегмент од книжевноста?
– На факултет сме читале сѐ, почнувајќи од грчките антички драми, па сѐ до современиците. Се надевам дека имам преземено, или научено, од сѐ по малку, од Софокле, Шекспир, Гете, Молиер… Се разбира дека учам и од бравурозните дела на македонските големци како Пендовски, Иљовски, Чернодрински, Стефановски, Дуковски… Без нив немаше ни јас да имам место во светот на македонската драма. Но најголема инспирација и најголемо влијание врз моите дела имаат Стриндерг, Ибзен и Чехов.

Има ли читатели за овој книжевен жанр?
– За театарска претстава е доволно само еден да е седнат на столчињата пред сцената за да се каже дека има публика. Можеби можеме да го кажеме истото и за овој жанр. Не можам да кажам дека е најпопуларниот жанр и дека луѓе трчаат накај книжарниците за да купуваат драмски дела, но не можам и да кажам дека нема читатели. Имам впечаток дека таков е случајот и со поезијата. Сепак, станува збор за личен вкус и разбирам дека ова не е за секого. Тоа е во ред. Можеби не сме многу на број како драматурзи и драмски писатели, меѓутоа нѐ има. Треба и публиката да се заинтересира, но треба да се заинтересираат и театрите. Ваквите дела не се само за на хартија.