Јохан Косар

Поранешен швајцарски војник кој командуваше со христијанската милиција во борбата против Исламската држава (ИД) во Сирија, беше прогласен за виновен за нарушување на воената неутралност на Швајцарија, пренесува „Њујорк тајмс“.

Случајот на Јохан Косар е редок пример во кој европска држава гони кривично нејзин граѓанин бидејќи тој се борел против ИД. Косар беше осуден во петокот поради прекршување на швајцарската забрана за борење на страната на друга држава, без претходно да добие дозвола од швајцарските власти. Тој беше парично казнет со околу 500 долари.

Некогашниот генерал во швајцарската армија, чие семејство се доселило во европската држава од Сирија, пред околу три децении, беше обвинет за придружување кон приватна армија чија цел била одбрана на христијанското малцинство од џихадистите. 

– Како христијани не се бориме само против ИД, туку и против непријател што нѐ мрази. Целта беше да се создадат воени сили што ќе ги бранат територијата и градовите на нашите луѓе и на другите цивили. Имаше потреба да се организираме воено – истакна Косар во интервју во 2014 година.

По две години поминати на фронтот тој се врати во Швајцарија, каде што бил уапсен во 2015 година.

Косар се соочи со тригодишна затворска казна според швајцарскиот закон, што вообичаено беше употребуван за кривично гонење на лицата што се приклучуваат на француската Легија на странци. Тој беше осуден поради загрозување на швајцарската неутралност.