Американскиот амбасадор во Албанија, Доналд Лу, побара од Тирана конкретни резултати во апсењето и казнувањето на „водачите на криминалот“.

Во обаќање на трибината „Силата на законот во акција: Постигнувања и предизвици“, амбасадорот Лу ги критикуваше полицијата и обвинителството дека потфрлиле на овој план.

– Владата го прифати сериозниот предизвик со кој се соочува Албанија во борбата против организираниот криминал. Сакаме конкретни резултати, гонење и казнување на криминалците. Посебно сакам да истакнам еден пример на неуспех на полицијата и обвинителството: пред две години кога работевме на апсењето на некои членови на бандата на Клемент Балили. Тој е моќен шеф на организиран криминал со политички врски. Но, немаше способност или волја Балили да биде уапсен – рече Лу.

Наведувајќи неколку примери, како што е кривичната постапка против поранешниот министер за внатрешни работи Саимир Тахири и екс државниот обвинител Адриатик Лала, Лу нагласи дека никој не може да биде над законот и оти САД очекуваат конкретни резултати.

– Апелирам до премиерот Еди Рама, до министерот за внатрешни работи Фатмир Џафај и до полицијата безмилосно да продолжат со борбата против организираниот криминал – порача американскиот дипломат.

Во ноември минатата година, амбасадорот Лу изјави дека САД очекуваат на почетокот на 2018 година „да има ВИП апсења“ или како што сликовито го дообјасни „апсење големи риби вмешани во организиран криминал“, барајќи законот да важи за сите подеднакво.