Заглавија напорите на САД и Германија за испраќање на тенкови за Украина, додека тамошните власти се справуваат со логистички прашања и со безбедносните барања на Европа, заедно со загриженоста за ескалација на тензиите со Русија, објавува „Блумберг“, повикувајќи се на извори упатени во разговорите.
Сојузниците на Украина веќе имаа разговори на повеќе нивоа во изминатите неколку недели, за прашањњето дали да испратат стандардни тенкови како што се „Абрамс“ и „Леопард“ во Украина, но не е донесена одлука, и покрај тоа што барањата од Киев за ваков вид на оружје доаѓаат со поголема итност.
Претставник на Белата куќа претходно се спортивстави на украинскиот став дека САД се колебаат да испратат тенкови од американско производство поради загриженост дека Русија може да го ескалира конфликтот. Од европска страна, сојузниците имаат ограничен број на модерни тенкови, па не сакаат да го „разоружуваат“ НАТО додека се случуваат тензии со Русија.
Германските власти, пак, изразиле загриженост за обуката за користење и за одржувањето на нивните тенкови „Леопард“, иако се смета дека овие прашања би можеле да се решат. Се претпоставува дека германскиот канцелар Олаф Шолц веројатно нема да даде „зелено светло“ за испраќање на „Леопардите“ во Украина, без слични потези од страна на САД и на другите сојузници од НАТО.
Советникот на украинскиот министер за одбрана, Јури Сак, во разговор за „Блумберг“ истакна дека модерните тенкови се далеку поефективни на бојното поле во споредба со советските тенкови, поради дострелот, прецизноста и подобрата заштита што ја пружаат за војниците во нив.
Украинските барања се фокусирани на постарите варијанти на тенковите, иако властите во Киев апелираат до нивните сојузници да испратат помодерно оружје, за разлика од опремата од ерата на Советскиот Сојуз што досега ја добиваа. Членките на НАТО во април се согласија да испраќаат помодерно оружје во Украина, но досега се колебаа да испратат тенкови и оклопни возила.
Руските постапки исто така би можеле да имаат влијание врз ситуацијата, заклучува „Блумберг“.