Фото: Принтскрин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека замрзнувањето на конфликтот ќе ја стави Украина во слаба позиција пред идните преговори, објави Укринформ, повикувајќи се на неговото интервју за Блумберг во Давос.

– Замрзнувањето на конфликтот не е најдобрата понуда за Киев, тоа е слаба позиција за влегување во идни преговори за Украина. Навистина, ова е вин-вин позиција за Русија, бидејќи таа не губи ништо и добива само време за да ја обнови својата сила. Верувам дека тие се подготвени повторно да се вратат – рече Зеленски.

Според него, најкритичното прашање во овој контекст е прашањето за безбедносните гаранции за Украина.

Зеленски повика на зголемен притисок врз Москва – со воведување повеќе санкции, со обезбедување поголема воздушна одбрана за заштита на украинските градови и оружје за одбранбените сили на Украина.

– Ноќта руската армија го бомбардираше Запорожје со ракети и беспилотни летала. Тоа беа напади врз станбени области и инфраструктура. Во моментов знаеме за еден смртен случај како резултат на овој терор, а 26 лица се повредени, меѓу кои и едно двомесечно бебе. Нашите спасувачи беа повредени при повторното гранатирање кога се појавија да ги санираат последиците – напиша Зеленски во „Телеграм“, цитиран од Укринформ.