Фото: Инстаграм/ Зеленски

Во пресрет на денешните клучни избори во САД, украинскиот претседател Владимир Зеленски ја навести можноста за мировни преговори со Русија, што е промена од неговото претходно отфрлање на дијалогот со претседателот Владимир Путин.

Зеленски доцна синоќа ја повика меѓународната заедница „да ја принуди Русија на вистински мировни преговори“. Тој ги наведе вообичаените услови за дијалог односно враќање на сите окупирани територии, надомест на штета и кривично гонење за воени злосторства.

Станува збор за промена на реториката на украинскиот претседател, кој на крајот на септември потпиша указ во кој се наведува „неможноста да се водат преговори“ со Путин.

Денешните среднорочни избори за американскиот Конгрес ќе го дефинираат износот и обликот на идната политика и финансиската поддршка на Вашингтон за Украина, јавија американските медиуми.

Зеленски ги повика Американците да „одржат непоколебливо единство“ додека не се „врати мирот“ во Украина, бидејќи денеска во САД се одржуваат клучни среднорочни избори, чиј исход може да влијае на поддршката на Вашингтон за Киев.

– Ве молам да одржите непоколебливо единство како што го правите сега, до денот кога сите ќе ги слушнеме тие важни зборови за кои сонувавме, додека не слушнеме дека мирот конечно е обновен – истакна Зеленски во видеообраќањето од Киев на конференцијата на која го доби американскиот „Медал на слободата“.