Фото: Твитер/Владимир Зеленски

Украинскиот претседател Владимир Зеленски синоќа во телефонски разговор со неговиот француски колега Емануел Макрон изјави дека Украина нема да одговори на руските провокации на истокот и е подготвена за дијалог со Русија, пренесе Бета.

– Зеленски изрази волја Украина да не одговори на провокациите долж линијата на фронтот во источниот дел на земјата – соопшти Елисејската палата, која повика на „последни напори“ за да се избегне „голем конфликт“ во Украина.

За денеска е закажан телефонски разговор меѓу Макрон и рускиот претседател Владимир Путин.

Зеленски претходно предложи средба со неговиот руски колега во време на растечки страв од руска инвазија на Украина.

– Не знам што сака рускиот претседател, затоа предлагам да се сретнеме – изјави вчера Зеленски на безбедносната конференција во Минхен.

Тој додаде дека Украина е „штит на Европа“ против руската армија и го повика Западот да ја зголеми помошта.

– Ја цениме секоја помош, но сите мора да сфатат дека тоа не се добротворни придонеси што Украина треба да ги бара … Тоа е ваш придонес за безбедноста на Европа и светот. Таму каде што Украина е штит осум години, рече Зеленски.


Џонсон: Ситуацијата во Украина може да доведе до најголемата војна во Европа од 1945 година

Постои „голема веројатност“ руските трупи да ја нападнат Украина, што може да се случи не само преку Донбас, предупреди британскиот премиер Борис Џонсон. Според него, ситуацијата околу Украина може да доведе до најголемата војна во Европа од 1945 година.

– Планот што го гледаме ја прикажува најголемата војна во Европа од 1945 година – изјави Џонсон за „Би-би-си“.

Според британскиот премиер, постои „прилично голема веројатност“ за инвазија на руски војници во Украина, која би можела да се случи не само преку Донбас, туку и преку белоруско-украинската граница, „за да го опколи Киев“. Во исто време, тој нагласи дека „не само Украинците, туку и Русите“ ќе страдаат како резултат на таквите хипотетички дејствија.


Бајден свика Совет за безбедност поради Украина

Американскиот претседател Џо Бајден за денеска свика состанок на Советот за национална безбедност на Белата куќа поради ситуацијата во Украина, стои во соопштение за печат објавено од портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.

Утре претседателот ќе свика состанок на Советот за национална безбедност за ситуацијата во Украина, информира таа.

– Претседателот Бајден продолжува да ја следи ситуацијата во Украина што се развива и редовно се информира за случувањата на терен од неговиот тим за национална безбедност. Тие потврдија дека Русија може да изврши напад против Украина во секое време – се додава во соопштението.