Во својата анализа, влијателниот британски медиум „Телеграф“ го фокусира вниманието на јавноста на безмалку „побуната на родителите и на британските парламентарци“ (кои, патем споменато, инстантно го информираа и премиерот Сунак), при што бараат и итен одговор. Имено, поаѓајќи од новинарското истражување во кое се констатира дека „во училиштата децата учат за перверзија, анален секс, мастурбација и постоење на стотици полови“, медиумот поставува прашање „што е тоа што ги учат нашите деца во училиштата и што се случува на часовите за сексуално образование“, поради што „загрижените родители велат дека не знаат кому да му се обратат“…
Британскиот парламент на нозе по жестоката и масовна реакција на родители во Велика Британија
Алармантен напис деновиве се појави во влијателниот британски медиум „Телеграф“. Имено, во опширната статија се констатира дека се случуваат „речиси притаено – страшни работи во сферата на идеологијата, односно индоктринацијата, за кои ретко кој се осмелува да зборува отворено, бидејќи се однесуваат на самата природа на човекот и неговата сексуалност – во целосно изобличена смисла и застрашувачки облик се доведува и до самите училишта, односно до децата и малолетниците“, во Велика Британија.
„Геополитика“: Таканаречените западни цивилизациски вредности и достигнувања сè
почесто стануваат знак за тревога кај родителите низ Европа
– Таканаречените западни цивилизациски вредности и достигнувања сè почесто стануваат знак за тревога кај родителите низ Европа, од кои повеќето не знаат и не сфаќаат што реално се случува, наивно верувајќи во училишта од типот на оние во кои и самите тие се школувале и кои воделе сметка не само за образовната туку и за воспитната компонента – но заснована врз здрави основи (поради „помодарство“, но и поради една подмолна заднина, која е секако во игра, тие основи денес некои ги нарекуваат традиционални или дури и конзервативни) – се вели во една од реакциите во „Геополитика“, во која се анализира појавата што ги шокира и парламентарците во Британија.
Но да се вратиме на алармантниот текст објавен во влијателниот британски медиум „Телеграф“, насловен „Часови по мастурбација и 100 пола: Што ги учат нашите деца на училиште?“.
Имено, во него се поставува прашање за она „што се случува на часовите по сексуално образование во училиштата“ и се наведува дека „неделава британските парламентарци кренаа тревога поради обемот на пораките што ги добиваат од загрижени родители, кои не знаат кому да му се обратат во врска со погореопишаните појави“.
Имено, „Телеграф“ пишува за индоктринацијата на часовите по сексуално образование, која длабоко и потресно ги загрижи Британците. Пратеничката на Конзервативната партија, Мириам Кејтс, инстантно реагираше институционално, при што поднесе цело досие до британскиот премиер Риши Сунак за „природата и обемот на индоктринацијата“ во односите и сексуалното образование во британските училишта.
– Ова вклучува цел арсенал на наставни помагала и тематски материјали за сексуално образование, а се презентираат теми што многу родители ги сметаат за несоодветни на возраста на учениците. На пример, во некои училишта деца од 12 години беа прашувани што мислат за оралниот и аналниот секс – се вели во аргументацијата на реакцијата до британскиот премиер.
„Телеграф“ изнесува страшни сведоштва и аргументации од родители, во врска со образовно- воспитниот процес и во државни и во приватни училишта
– На мојот 13-годишен син му беше кажано дека постојат сто рода. На оваа возраст, веќе ги учат моите деца на „конвенционална“ терминологија – на пример, „цисродно“, „небинарно“ и „родов флуид“ – без да се земе предвид фактот дека многу луѓе се згрозуваат од ваквите поими и идеологија, поради своите верски убедувања или некои други причини – вели жена родител, чие дете учи во приватно училиште во Ист Мидлендс.
Една друга мајка, чие дете учи во државно училиште во Лондон, вели дека во последната година од основното образование, нејзиниот син бил подучуван за мастурбација од наставници што одвај ги познавала. Таа се загрижила откако наставниците им го објасниле на родителите главниот принцип на сексуалното образование: „Никому не му е грижа што се случува зад затворени врати“, изјави жената. И самата имам педагошко образование и им кажав: „Така зборуваат педофилите“.
-… На масата пред себе имаа картички со натписи и разговараа за нив. На една од нив пишуваше „мастурбација“. Многу родители рекоа: „Ќе ми го преплашите детето со вакви приказни, има само 10 години!“ Кој сака неговото дете да дискутира за тоа со други деца? – се вели понатаму во материјалот со кој се алармира јавноста.
Аналитичкиот центар „Нов социјален договор“ – во чие формирање учествуваше и пратеничката на Конзервативната партија, Мириам Кејтс, во 2022 година – се подготвува да го објави истражувањето што веќе беше доставено до британскиот премиер Сунак, а, според кое, британските деца „се наоѓаат во опасност“ од наставници што имаат „радикални ставови околу полот, родот и сексуалноста“ и бараат „идеолошки монопол во сексуалното образование“, наведува „Телеграф“.
Истражувањето констатира дека оваа појава во образовниот процес започнала уште пред четири години
– Ширењето контроверзни и експлицитни наставни помагала започна уште во 2019 година, кога Министерството за образование го објави новиот прирачник за сексуално образование. Настанатата празнина ја исполнуваа некакви си „активисти“. Нивните организации, вклучувајќи ја и добротворната ЛГБТ-организација „Стоунвол“, се здружија со стотици училишта за да ги исцртаат контурите на „родово сензитивниот пристап кон сексуалното образование“ – се вели во статијата на „Телеграф“
Извештајот за новиот социјален договор наведува и други образовни институции, вклучувајќи го и добротворното Училиште за сексуално образование, за кое се знае дека соработува со над 300 образовни институции и, според сопствените зборови, има „позитивен пристап кон сексот – како во наставниот процес така и генерално“.
Британскиот медиум објави и други шокантни примери, па така, се наведува дека во горенаведеното училиште „добротворните работилници ги води д-р Ема Чан, која на својот блог има објавено видео во кое ја пее песната ’Ајде сите да мастурбираме‘, а до него има линк од напис со совети како да се прави тоа подобро“.
– Организаторката на семинари во Училиштето за сексуално образование, Надија Дин, ја користи добротворната работа на организацијата за промоција на сопствената веб-страница за сексуално образование. Меѓу другото, нејзиниот портал објавува текстови за „анална забава и мајтапење“, како и за „проблемот на хетеронормативноста“ – наведува „Телеграф“.
Книгата „Одлични врски и сексуално образование“, која организацијата ја промовира на својата веб-страница, ги советува наставниците да им пренесат порака на учениците дека „љубовта и приврзаноста се често најважни компоненти на добриот секс, но не секогаш“.
– Напротив, некои сакаат брз, груб и анонимен секс. А некои дури сакаат да почувствуваат и болка за време на сексот – тоа е аматерско задоволство и се вика БДСМ – пренесува британскиот медиум.
Пратеникот на конзервативците во Долниот дом на британскиот парламент, Ник Флечер, го предупреди премиерот дека училиштата залудно трошат пари за материјали на организации што „… им сугерираат на нашите момчиња и девојчиња дека можеби се родени во погрешно тело“.
Најмногу од сè, религиозните семејства ги загрижува расчекорот меѓу ваквите материјали и возраста на децата. „Меѓутоа“, наведува овој медиум, „владините извори велат дека дури и либералните родители сметаат дека деветгодишни деца не треба да се учат за постоење на десетици полови и да се поттикнуваат да учествуваат во маршеви на ’гордоста‘“.
Повик за будење на Владата
– Ова полугодие ќе испратиме писмо до сите училишта, во кое ќе го истакнеме правото на родителите да ги разгледуваат образовните материјали. Училиштата се одговорни да обезбедат материјали со факти, соодветни за детската возраст, како и да соработуваат со родителите, информирајќи ги што е тоа што го учат нивните деца – изјави портпаролот на Министерството за образование.
Пратеничката Мириам Кејтс е во очекување одговор од премиерот и се надева дека новите докази ќе бидат „повик за будење на Владата“.
– Дури и помислата дека подучувате деца од 11 и 12 години како се мастурбира, едноставно е ужасна. Освен тоа, разговарањето за сопствените сексуални желби со возрасни што, всушност, не ги познавате може да биде ризично. Заштитата на децата е примарна одговорност на Владата. Се надевам дека извештајот ќе ги просветли родителите во однос на тоа што ги подучуваат нивните деца – додава Кејтс.
Светската јавност извлекува свои заклучоци, медиумите анализираат
Во врска со ваквата појава, обелоденета во британски „Телеграф“, низа статии, информации и анализи се појавија во реномирани светски медиуми. Го издвојуваме коментарот на „Геополитика“ кој направи паралела со актуелната војна во Украина, само што оваа војна ја нарече „војна за човековите души“.
– По сето ова, станува повеќе од јасно зошто британскиот медиум укажува на суштината на проблемот, кој сè повеќе ги преокупира тамошната јавност и политичките кругови. Но сосема погрешно би било да мислиме дека ова се случува само во Велика Британија и дека описот во британскиот медиум е она најлошото. Многу гнасни нешта се случуваат и на други места низ Европа, особено во скандинавските земји. Иако поради некоја причина неволно се пишува и се зборува за тоа, сè почести се многубројните примери на изопаченост – под превезот на целосни слободи – што со само малку труд може да се пронајдат на социјалните мрежи и блоговите на либерални поединци, кои дури и самите се прашуваат каде води сето ова.
Покрај сите други, видливи војни, во светот е во тек и онаа невидливата, а многу поважна: војната за човекот, односно борбата за човечките души. Без разлика на тоа како се гледа на неа – од верски аспект, како борба меѓу Господ и сатаната, или од атеистички аспект, низ филозофската призма на борбата меѓу доброто и злото – работите во основа се крајно едноставни.
Ова е борба што ја достигнува својата кулминација и во која нема и не смее да има никаков компромис. Во неа нема место ни за неутралните, а ниту за оние „блуткавите“ – затоа што се однесува на секое човечко суштество, како индивидуално и неповторливо битие. Конечно, овде изборот се сведува на култура на животот и култура на смртта. Тешките времиња од сите нас бараат и носење тешки одлуки. Р.Н.М.