Фото: Фејсбук/Емануел Макрон

Односите помеѓу францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц се толку студени во последно време, што тие не можат да се договорат ниту дали заедно да се појават пред новинарите, наведува „Политико“.

Додека двајцата лидери се подготвуваат за тет-а-тет денешната средба во Париз, Берлин објави дека тие ќе имаат заедничко појавување пред медиумите, што е вообичаен дипломатски ритуал по билатералните средби.

Но, синоќешното соопштение од Елисејската палата контрираше на германската објава, во која беше истакнато дека не е планирана прес-конференција. Ако ваквата најава добие потврда, тоа ќе биде грубо одбивање од страна на Шолц кој патува со бројна медиумска придружба во Париз, а оттаму оди во Атина.

Одбивањето на прес-конференција на посета кај друг политички лидер е тактика што вообичаено треба да пренесе незадоволство, како што неодамна направи Шолц за време на посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Берлин.

– Наводно, досега имаше отстуство на контакт и размена меѓу новите владини тимови на Шолц и на Макрон – вели Сандра Висер од германската Слободно демократска партија.

Недоразбирањето околу медиумското појавување е последната епизода од несогласувањата помеѓу најголемите две сили во ЕУ.

Во последните неколку недели Шолц и Макрон е судрија околу справувањето со енергетската криза, европската безбедност, како и околу пристапот во односите со Кина.

Токму затоа, предвидениот работен ручек помеѓу Макрон и Шолц во Париз ќе биде следен со големо внимание од европските политичари. Особено кога војната во Украина, инфлацијата и енергетската криза ги влошија европските сојузништва, во време кога се најпотребни, заклучува „Политико“.