Киев вчера прими ненадеен, но посакуван посетител
Американскиот претседател Џо Бајден вчера допатува во ненадејна посета на Киев. Првата посета на Бајден на Украина по почетокот на руската специјална воена операција на таа земја се одвиваше под најстроги безбедносни мерки. Поради тоа, патувањето на американскиот претседател беше држено во тајност.
Посетата на Бајден на Киев се реализира на само три дена од годишнината на почетокот на воениот конфликт во Украина и поради тоа има голема симболичка сила. Таа се смета за знак на поддршка од најважниот и најмоќен сојузник на Украина.
Инаку, според претходно договорениот календар, тој во понеделникот требаше да ја посети Полска по повод одбележувањето на првата годишнина од почетокот на воениот конфликт.
За време на посетата, Бајден и украинскиот претседател Володимир Зеленски разговарале за оружје со долг дострел. Според наводи на Пентагон, од почетокот на војната во Украина, САД имаат ветено и ставено на располагање воена помош за Киев во висина од речиси 30 милијарди евра. Во Киев вчера американскиот претседател најави нов пакет воена помош во висина од половина милијарда долари, чиј дел треба да бидат и муниција и ракетни фрлачи од типот „химарс“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на средбата со Бајден се разговарало и за испорака на ракети со долг дострел. Наедно, тој рече дека посетата на Бајден е „исклучително важен“ знак за поддршка за сите Украинци.
За време на посетата на Бајден во Киев се огласија сирените, но засега нема информации за руски проектили или воздушни напади.
Во пресрет на посетата на Бајден, Белата куќа соопшти дека Бајден ќе објави и дополнителни санкции против Русија.
Американскиот претседател ја посети Полска на крајот на март минатата година, но не ја премина границата со соседна Украина. Украинскиот претседател ги посети Соединетите Американски Држави на крајот на минатата година кога се обрати на заедничката седница на Конгресот. Тоа беше првпат тој да излезе од Украина од почетокот на војната.
По петчасовниот престој во Киев, американскиот претседател замина за Варшава каде што денеска и утре ќе ги води разговорите со своите полски домќини.