фото: ЕПА

Турската полиција денеска уапси вкупно 106 лица во Истанбул во рамки на акција насочена кон учесници во протестите против апсењето на градоначалникот Екрем Имамоглу и високи членови на опозициската Републиканска Народна партија (ЦХП), пренесе Анадолија.

Лицата биле приведени по претрес на 145 адреси на осомничени за учество во протестите од последните денови. Тие се обвинети за „непочитување на забраната за собири и демонстрации“ и „неизвршување на наредбите на безбедносните сили“.

Протестите во поддршка на Имамоглу не стивнуваат и покрај забраните за собири во Истанбул, Анкара и Измир. Според податоците на турското Министерство за внатрешни работи, од 19 март досега се уапсени вкупно 1.418 лица, меѓу кои и 11 новинари.

Советот на Европа изрази загриженост поради прекумерната употреба на сила против демонстрантите, а Репортери без граници го осудија апсењето на новинар од АФП во Истанбул.