Организацијата „Репортери без граници“ соопшти дека рекордни 533 новинари биле притворени низ светот во 2022 година (од нив 339 се притворени без судење) што е пораст од 13,4 отсто во однос на претходната година. Во Кина има најмногу притворени, и тоа 110 новинари. Потоа следува Мјанмар со 62 новинари зад решетки. Иран е на третото место со 47, Виетнам е четврти со 39, додека Белорусија е петта со 31 затворен новинар. Сите овие пет земји сочинуваат 54 отсто од притворените медиумски работници во светот.
Организацијата соопшти дека 65 новинари се држат како заложници низ светот (најмногу во Сирија), а 49 новинари се водат како исчезнати. Бројот на убиени новинари во 2022 година достигна 57, од кои осум починаа во Украина, што е вкупен пораст од 18,8 отсто во однос на 2021 година. И покрај руската инвазија, таму загинаа помалку новинари отколку во Мексико, каде што беа убиени 11. Податоците на „Репортери без граници“ го опфаќаат периодот од 1 јануари до 1 декември 2022 година.