Фото: Принт-скрин

Американското Министерство за правда се спротивстави на објавувањето на судски документ со кој на јавноста би и биле презентирани причините за претресот на имотот на Доналд Трамп на Флорида.

Операцијата на федералната полиција во Мар-а-Лаго создаде политичка бура во САД. Тоа е првпат да се случи вакво нешто со резиденцијата на поранешен шеф на државата. Поддржувачите на Трамп рекоа дека тоа е „лов на вештерки“.

Неколку организации, вклучително и медиумите, побараа од судијата да го објави документот во кој истражителите објаснуваат зошто е неопходен претресот. Но, Министерството за правда рече дека таквото објавување ќе и наштети на тековната истрага.

Во петокот, на барање на обвинителите, судијата јавно го објави налогот за претрес на имотот на Трамп и списокот на документи запленети во операцијата.

Документот на чие објавување се инсистира, содржи доверливи информации за сведоци и техники што ги користи полицијата, како и исклучително важни факти за истрагата, посочуваат од Министерството за правда. Нејзиното објавување може да им наштети на следните фази од истрагата со откривање на стратегијата на истражителите.

Во меѓувреме, долгогодишниот директор за финансии на Организацијата Трамп, Алан Вајзелберг, се очекува денеска да се изјасни за виновен по обвиненијата за даночна измама, а неговото судење се очекува да започне во октомври, јавија американски медиуми.