Фото: Принт-скрин

Цела Куба остана без електрична енергија откако ураганот „Ијан“ го погоди западниот дел на земјата оставајќи 11 милиони жители на островот во темнина, соопшти денеска владата на оваа карипска земја.

Шефот на кубанската електроенергетска компанија соопшти на државната телевизија дека прекинот на електричната енергија е поради дефект на националниот електроенергетски систем.

Официјални лица велат дека електроенергетскиот систем доживеа тотален колапс откако една од главните централи не можеше повторно да се приклучи на мрежата, јави Би-би-си.

Во налетите на ураганот „Ијан“ на островот досега се регистрирани две жртви, десетици илјади жители се евакуирани, а бројни згради ширум земјата се оштетени.

Ураганот „Ијан“ ги принуди НАСА и „Спејс екс“ да одредат нов датум за лансирање на мисијата „Кру-5“ на Меѓународната вселенска станица.

Лансирањето, првично планирано за 3 октомври, сега ќе се случи најмалку ден подоцна. Тимовите на мисијата ќе продолжат да ги следат влијанијата на ураганот „Ијан“ на вселенскиот центар „Кенеди“ на НАСА и областа Спејс Коуст на Флорида.

– Безбедноста на екипажот, копнените тимови и хардверот се од најголема важност за НАСА и „Спејс-Икс“ – се вели во соопштението на НАСА.

Мисијата треба да ги пренесе астронаутите на НАСА – Никол Аунапу-Ман и Џош Касада, кои ќе бидат командант и пилот на мисијата, заедно со астронаутот на Јапонската агенција за воздушно-вселенско истражување, Коичи Ваката, и космонаутот на Роскосмос, Русинката Ана Кикина, кои ќе служат како специјалисти во мисијата.

Тие ќе патуваат до МВС заради шестмесечна научно-технолошка истражувачка мисија.

Според Националниот центар за урагани, „Ијан“ го зафати копното на Куба вчера наутро со постојани максимални ветрови од 195 километри на час. Се предвидува дека невремето ќе се приближи до западниот брег на Флорида како исклучително голем и опасен ураган.