Фото: МНР на Белорусија

Безбедносни гаранции за Украина може да се обезбедат само со договор со Русија, но украинските власти ја отфрлија таа можност, изјави денеска заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија Дмитриј Медведев.

– Само договор со Русија можеше да обезбеди безбедносни гаранции. Но, украинската влада, стимулирана од западните пари и проектили, го отфрли – напиша Медведев на Телеграм.

Медведев смета дека Киев разбира оти за него нема и не може да има безбедносни гаранции, дури ни од САД, и оценува дека САД, како што наведе, „се затрупани егоисти и работат само за себе“, пренесува РИА Новости.

Првиот документ за меѓународни безбедносни гаранции за Украина би можел да се појави на 29 или 30 август, најави началникот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак.

По средбата со советниците на претседателите на Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Романија и Унгарија, тој рече дека безбедносните гаранции се многу важно прашање за Украина и дека работата на тој документ е во тек.

Тој додаде дека е запознат со текстот и дека ќе биде многу силен документ.

За време на преговорите меѓу Русија и Украина на 29 март во Истанбул, украинската страна предложи да се потпише меѓународен договор за нов систем на безбедносни гаранции за таа држава.