Поранешниот претседател на Европскиот совет Доналд Туск се изјасни против каква било форма на отстапки кон Русија во обидот да се запре воениот конфликт со Украина.

– Секоја наша слабост, секоја наша отстапка ќе биде искористена против нас. Колку се построги санкциите, толку е поголема нашата солидарност со Украина, толку е поголема шансата да се избегне најлошото сценарио, а тоа е војна на наша територија – рече Туск.

Говорејќи пред средбата на лидерите на земјите од ЕУ, претседателот на Европската народна партија рече дека европското „помирување“ со Русија во изминатата деценија е „можеби најголемата геополитичка грешка“.