Фото: Принтскрин

Кинески и локални спасувачки тимови синоќа извлекоа бремена жена затрупана под урнатините на зграда во јужниот турски град Антакија, три дена по катастрофалниот земјотрес што ја погоди таа земја и северна Сирија.

Според Чајма Медиа Груп, 82-член кинески спасувачки тим, вклучително и специјалисти за потрага и спасување и медицински третман, се упати кон еден од најтешко погодените региони во Турција откако слетаа на меѓународниот аеродром во Адана во средата.

– По пристигнувањето на местото на настанот, кинеските спасувачи веднаш им се придружија на нивните турски партнери во спроведувањето на планот за спасување и ја спасија жената – изјави Жао Јанг, заменик лидер на кинескиот спасувачки тим.

Тимот испратен од кинеската влада беше придружуван од неколку кинески цивилни тимови подготвени да се приклучат на меѓународните напори за спасување.

Првата група од тимот на Блу скај рескју, професионална непрофитна организација за пребарување и спасување, завчера пристигна во Турција. Многумина од 50-члениот тим имаат меѓународно искуство за спасување.

Тинејџер рано изутринава неповреден е извлечен од урнатините на зграда во турскиот град Газијантеп, четири дена по катастрофалниот земјотрес.

Пред зори во Газијантеп, во близина на епицентарот на земјотресот, спасувачите го извлекоа Аднан Мухамед Коркут од подрумот каде што беше заробен од понеделникот.

Седумнаесетгодишникот се насмевна на толпата пријатели и роднини кои го скандираа неговото име, ракоплескаа и плачеа додека го носеа и го ставаа на носилки.

– Фала му на Бога што ме спасија – рече тој, гушкајќи ја мајка си и другите кои се наведнаа да го бакнат и прегрнат.

Тинејџерот рекол дека бил принуден да ја пие сопствената урина за да ја задоволи жедта.

– Имам син како тебе. Ви се колнам, не спиев четири дена. Се колнам дека не спиев, се обидував да те извлечам – му рекол спасувачот, идентификуван само како Јасемин, откако го прегрнал.