Илустрација / Фото: Пекселс

Три лица загинаа денеска, а шестмина се повредени, од кои две потешко, кога пет ракети истрелани од северот на Сирија го погодија пограничниот округ Каркамис во Турција, изјави началникот на турската провинција.
Како што се наведува, ракетите погодиле училиште, две куќи и камион во близина на турско-сириската граница.

Си-eн-eн на турски објави дека ракетите биле истрелани од областа Кобане во Сирија, контролирана од курдската милиција ИПГ.

По бомбашкиот напад на 13 ноември во Истанбул, во кој загинаа шест лица, а за кој турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги обвини сириските Курди, Анкара соопшти дека ќе ја продолжи операцијата во северна Сирија против милитантите на забранетата Работничка партија на Курдистан.

Турција досега изврши три упади во северна Сирија против сириската курдска милиција (ИПГ), за која вели дека е крило на забранетата Работничка партија на Курдистан.

Нападите уследија откако Турција тврдеше дека бомбардирањето во Истанбул бил нарачано од сирискиот град Манбиџ.