Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Русија и Украина ќе постигнат договор за ставање крај на војната, нагласувајќи дека тој процес „веќе долго време се разработува“. Тој го оцени украинскиот претседател Володимир Зеленски како „многу ефикасен“ и „неверојатен во својата работа“, додавајќи дека се надева на брза средба меѓу Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин.

-Путин ќе се сретне со Зеленски и нешто ќе произлезе од тоа. Нешто позитивно, се надевам дека тоа ќе се случи наскоро – изјави Трамп на маргините на самитот на НАТО, заедно со Зеленски.

Трамп оцени дека и Зеленски и Путин се „тешки карактери“, но дека и двајцата сакаат да ја завршат војната. Зборувајќи за украинските напади длабоко во руската територија, тој рече дека станува збор за ескалација која „може да помогне да заврши војната“.

Тој додаде дека Украина има огромен потенцијал во ретки земјени метали, а САД „имаат свој влог“ во тоа. Трамп истакна дека со Зеленски имале „добар состанок“ и развиле „многу добар однос“.

Американскиот претседател навести дека Европа и Украина би можеле да добијат лиценци за производство на американските ракетни системи „Патриот“. На прашање за санкции против Русија, рече дека постои голем притисок врз Путин и дека „не мисли оти му се допаѓа ова што се случува“.

Трамп изјави дека би сакал да ѝ понуди безбедносни гаранции на Украина и најави работа на „некој вид безбедносен пакет“. Тој додаде дека Русија многу ги почитува САД.

На прашањето дали е подготвен да ја посети Украина, Трамп одговори потврдно, но нагласи дека тоа би било „подобро кога ќе заврши војната“. Тој ја пофали украинската експертиза во производство на дронови и рече дека САД би биле подготвени да набават украински беспилотни летала.

-Би ги купиле нивните дронови. Ние произведуваме одлични дронови, но тие имаат способност да прават многу – неверојатно е што успеваат да ги произведуваат и во подруми, во воена ситуација – заклучи Трамп.