Фото: инстаграм

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска телефонски разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави „Украинска правда“, повикувајќи се на Кабинетот на украинскиот претседател.

Весникот не соопшти никакви детали за разговорот.

Трамп контактирал со Зеленски веднаш по 90-минутниот разговор со рускиот претседател Владимир Путин.

– Имав значаен разговор со претседателот Трамп – соопшти Зеленски, додавајќи дека Трамп споделил детали од неговиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин.

– Никој не сака мир повеќе од Украина. Заедно со САД ги утврдуваме следните чекори за запирање на руската агресија и обезбедување траен и стабилен мир. Како што рече претседателот Трамп – ајде да го направиме тоа –  истакна Зеленски

Двајцата претседатели „разговараа за можностите за постигнување мир“ и „ја потврдија подготвеноста за соработка на ниво на тимови“ – се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет.

– Му благодарам на претседателот Трамп за неговиот интерес и за тоа што можеме да постигнеме заедно – додаде Зеленски.

Од своја страна, Трамп го оквалификува разговорот со Зеленски како „многу добар“.