Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ посака среќа на Канада на денешните избори и ја повика да стане 51-ва држава на САД.

„Среќно на големиот народ на Канада. Изберете човек кој има сила и мудрост да ги преполови вашите даноци, бесплатно да ја зголеми вашата воена моќ на највисоко ниво во светот, да го зголеми вашиот бизнис четирикратно во автомобили, челик, алуминиум, градежништво, енергетика и сите други индустрии, без царини или даноци, сèтоа тоа ако Канада стане драгоцена 51. држава на САД“, напиша Трамп на својата мрежа „Truth social“.

Според него, „веќе ја нема вештачки повлечената граница од пред многу години“.

„Погледнете колку би биле прекрасни овие копнени пространства. Слободен пристап без граници. Се позитивно без негативни страни. Така ни е судено. Америка повеќе не може да ја субвенционира Канада со стотиците милијарди долари годишно што ги трошевме во минатото. Тоа веќе нема смисла освен ако Канада не стане 51. американска држава“, се наведува во објавата на Трамп.

Во Канада денеска се одржуваат вонредни парламентарни избори, а резултатите од анкетите на јавното мислење покажуваат дека Либералната партија на премиерот Марк Карни има мала предност пред конзервативците предводени од Пјер Поилиевр.

Резултатите од анкетите покажуваат дека Либералната партија се стекна со мала предност пред конзервативците откако Трамп воведе царини за Канада и постојано го нарекуваше поранешниот близок сојузник „51-ва држава на САД“, што ги налути Канаѓаните и предизвика топење на водството од околу 20 процентни поени што претходно го имаше Поилиевр.