Талибанската религиозна полиција им наложи на министерствата и другите владини тела во Авганистан да обезбедат сите вработени жени да носат хиџаб, да ги избрка оние кои не носат и да ги спречи жените без покривање на главата да влезат во владини објекти, јави ДПА.

Германската агенција го цитира Садик Акиф Мухаџир, портпаролот на Министерството за ширење на доблест и спречување на пороците, кој наведе дека ова упатство досега им е предадено на осум владини тела.

Покрај тоа, владините канцеларии добиле инструкции дека вработените мажи и жени мора да имаат засебни работни простории и дека вработените мажи мора да се молат додека се на работа.

Упатството налага да се забранува вработување малолетници и мажи без брада.

Веста доаѓа откако Министерството им нареди на таксистите да не земаат жени кои не носат хиџаб или не се придружувани од близок машки роднина, пренесе ДПА.

Минатиот месец, талибанската религиска полиција преку плакати на излозите и билборди побара жените да се покријат. Постерите покажуваа хиџаб и бурка.