Пред две децении, талибанците одбија да го предадат Осама бин Ладен и неговите соборци од Ал каеда, што беше повод САД да ја започнат воената инвазија врз Авганистан, пишува „Фајненшл тајмс“.

Иако талибанците беа поразени, потребни беа десет години за САД да го поразат организаторот кој стоеше зад настаните од 11 септември. Дури и по смртта на Бин Ладен, иако неговата терористичка мрежа беше ослабната, таа продолжи да постои во Авганистан.

По падот на Кабул, западните разузнавачи и безбедносни експерти стравуваат дека припадниците на Ал каеда ќе ја искористат ситуацијата за повторно да се регрупираат. Тоа го зголемува ризикот Авганистан повторно да стане центар за регрутација и обука на исламистички екстремисти.

Во извештајот на американската разузнавачка заедница од април се наведува дека Ал каеда продолжува да подготвува терористички напади против американски лица и интереси. Европските разузнавачи, пак, изразија загриженост дека Авганистан повторно ќе стане магнет за странски борци, како и екстремисти од Европа.

– Односите меѓу талибанците и Ал каеда остануваат блиски, а се засновани на пријателството, историјата на заедничка борба против Западот, заедничката идеологија и мешаните бракови. Ал каеда реагираше позитивно на договорот со САД, кој беше славен како победа за каузата на талибанците, а со тоа и за нивната глобална милитантност – се вели во извештајот.

Некои аналитичари веруваат дека талибанците искрено сакаат да обезбедат меѓународно признавање и финансиска поддршка, знаејќи дека секоја терористичка активност би можела да предизвика западна воена интервенција, што значи дека тие, барем засега, не ги одобруваат активностите на Ал каеда.

– Не гледам никаква причиниа зошто талибанците би презеле насилни дејствија против Ал каеда или други милитантни групи на нивната територија. Но, во исто време, мислам дека тие не сакаат Авганистан да биде местото од каде што ќе бидат планирани и насочувани меѓународни терористички акции, бидејќи поради тоа платија скапа цена во изминатите 20 години – вели Џон Соверс, поранешен шеф на Британската разузнавачка агенција МИ6.

Западните влади не се единствени во нивната загриженост поради „потенцијалниот терористички рај“ кој би можел да се развие под владеењето на талибанците. Индија стравува дека Авганистан може да стане прибежиште за пакистанските ексремистички групи.

– Ситуацијата е загрижувачка не само за Индија, туку за целото соседство. Прелевањето, односно ескалацијата може да се движи во која било насока. Што и да се случи во иднина, сите соседни земји ќе бидат погодени – изјави висок индиски владин претставник.