Во само девет дена, градовите паѓаа еден по друг под власта на талибанците, а Кабул во неделата им беше предаден без каков било отпор од авганистанските
регуларни сили, во кои САД и меѓународните сојузници вложија 83 милијарди за создавање „самоодржлива“ армија

„Им дадовме сѐ на Авганистанците, но не можевме да им дадеме и волја за борба“, изјави американскиот претседател Џо Бајден, по повод драматичните снимки од влегувањето на талибанските вооружени групи во главниот авганистански град Кабул. Целта на Вашингтон, тврди американскиот претседател, никогаш не била да го претвори Авганистан во „обединета централизирана демократија“, туку да спречи нови напади врз САД по терористичките напади од 11 септември 2001 година. САД можат да се борат ефикасно против исламистички терористички групи како што е Ал каеда и без постојано воено присуство во една земја, рече Бајден. Американската армија го покажала тоа во други земји, како Сомалија и Јемен. Доколку е неопходно, во иднина тоа би можело да биде случај и со Авганистан.
Обраќањето на Бајден, наедно е и одговор на многубројните критики упатени до САД во врска со одлуката за повлекување на американските војници од Авганистан, а некои од аналитичарите го прогласија тоа и за „пораз на воениот интервенизам“. Целиот демократски свет беше згрозен од сликите на кабулскиот аеродром, на кој илјадници Авганистанци се обидуваа да го фатат последниот лет кон „слободата“.
Зошто се случија овој брз пресврт на настаните во Авганистан и толку брзото воено напредување на исламистичките милитанти, кои до шести август не контролираа ниеден центар на некоја покраина. Како се случи талибанците, кои беа послабо наоружани и помалобројни, да ја „поразат“ тристаилјадната регуларна авганистанска војска, која беше плаќана и опремувана од САД и од другите НАТО-сојузници.
Во само девет дена, градовите паѓаа еден по друг под власта на талибанците, а Кабул во неделата им беше предаден без каков било отпор од авганистанските сили! Цели бригади на авганистанската војска масовно се предаваа сосе скапата воена опрема, во која Американците вложија 83 милијарди долари, со дополнителна опрема и обука. Со ова за неколку дена пропаднаа дваесетгодишните напори на Вашингтон за градење „самоодржлива војска и демократски институции“, по повлекување на американските војници, кое еднаш и мораше и да се случи.

„Њујорк тајмс“ пишува дека авганистанската војска почнала да се распаѓа и пред одлуката на Бајден за повлекување на американските сили на 20-годишнината од нападот на Ал каеда на Америка на 11 септември 2001 година, за што беше и извршена инвазијата на Авганистан и за една недела го урна талибанскиот режим. Авганистанската војска од почетокот на годината се соочуваше со константен недостиг од оружје, неисплатени плати и недоволно храна за домашните војници. Дезертерствата беа чести, а герилските напади на авганистанските позиции во руралните места полека го нагризуваа моралот кај авганистанските војници и офицери.
Весникот „Волстрит журнал“ пренесе изјава од војникот Тај Мохамад, кој посочи дека последните денови се соочувале со недостиг од оружје и храна, во еден покраински пункт во округот Кундуз. Некои од припадниците на полицијата на првите борбени позиции не добиле плата од шест до девет месеци. „Вашингтон пост“ објави информација дека началник на специјалните сили во Кандахар наредил да се предадат.
Дел од оружјето што пристигнуваше обилно од Пентагон исчезнуваше благодарение на корупцијата и шверцот и завршуваше кај талибанците. Од официјалната бројка од 300 илјади војници, реално на терен беа околу 50.000.
Американската агенција за надзор на американската странска помош безуспешно предупредуваше дека Пентагон ги преценува вистинските способности на авганистанските национални одбранбени и безбедносни сили и дека силите се подложни на „корозивно влијание на корупцијата“, пишува „Гардијан“
Коруптивните договори меѓу талибанските групи и локалните водачи во селата, подоцна се проширија на окрузите, за потоа да заврши со целосно предавање на провинциските главни градови, изјавиле анонимни воени офицери за американските медиуми. На ова се надополнуваат и уцените, заканите и поткупот на локални фактори, а сето тоа беше потпомогнато и со методите на пропагандно и психолошко војување насочени кон припадниците на регуларната војска и водачите на големиот број племенски паравојски.

– Ниеден регион не падна како последица на војната, туку како последица на психолошката војна – изјави Абас Таваколи, началник на 217. авганистански корпус.
Дел од психолошкото војување биле и јавните егзекуции на авганистанските војници и парадирање со нивните тела. Епилогот на оваа неуспешна меѓународна мисија во Авганистан е околу 66 илјади загинати регуларни војници и 3,5 илјади припадници на меѓународните сојузници, од 2001 година. Сето тоа, САД ги чинеше повеќе од два билиони долари, според процените на универзитетот „Браун“.
Американскиот претседател Џо Бајден во понеделникот се обиде да ги објасни причините за повлекувањето од Авганистан, а меѓу другото спомена и дека „не може да бара од американските војници бесконечно да се борат во туѓа војна“.
– Со завршување на оваа мисија, завршува најдолгата американска војна во историјата. Сега гледаме дека нема таква воена сила што може да воспостави демократија во Авганистан. Направивме многу грешки во изминатите декади. Нема да ја пренесам таа одговорност на следниот претседател. Не жалам за одлуката да се повлечеме од Авганистан и сакам да го задржам фокусот на другите закани во светот – изјави Бајден.


„Миротворецот“ можен лидер на Авганистан?

Абдул Гани Барадар, познат како Мула Барадар, еден од лидерите на милитантната исламистичка група, се очекува да има водечка улога во управувањето на Авганистан, по преземањето на власта од страна на талибанците, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Барадар е најприсутен во јавноста и учествувал при потпишувањето на договорот со САД во Доха во 2020 година, со цел завршување на 20-годишната војна во Авганистан. Припаѓа на племето Попалзаи и бил заменик-министер за одбрана на талибанската групација. Барадар побегнал во Пакистан по американската инвазија на Авганистан, по терористичкиот напад на САД на 11 септември 2001 година. Поминал осум години во затвор, а бил пуштен за да биде посредник во мировните преговори, поради неговите вештини за преговарање.
Барадар во кратката изјава дадена на 15 август рече дека победата била неочекувано брза и додаде дека вистинскиот тест почнува сега, со служењето на луѓето и решавање на нивните проблеми.