фото: Принтскрин

Светската здравствена организација потврди „неколку“ напади врз здравствени центри во Украина и истражува други – изјави денеска првиот човек на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус – пренесоа британските медиуми.

Нападите, додаде тој на Твитер, предизвикаа повеќе смртни случаи и повредени.
– Нападите врз здравствените установи или работници ја нарушуваат медицинската неутралност и се кршење на меѓународното хуманитарно право – напиша тој.

Украинскиот министер за здравство Виктор Лиашко, пак, изјави дека „руските терористи веќе оштетиле 34 болници во Украина, поради што некои од нив воопшто не се во можност да даваат услуги – пренесе Укринформ.

– Денеска непријателот онеспособи 34 болници низ целата земја. На некои од нив им се уништени зградите, прекинати мрежите, останати се без услуги за снабдување со вода и електрична енергија. На некои целосно им е оневозможено да работат. Тоа е уште едно прекршување на Женевската конвенција, која прецизира дека здравствените работници не можат да бидат вклучени во војна и воени конфликти. Окупаторите го занемаруваат тоа, намерно ги прекршуваат сите одредби од Женевската конвенција и уште еднаш докажуваат дека не се војска, туку терористи – изјави Лиашко.