Фото: Принт-скрин

Најмалку две лица, маж и жена, се убиени за време на улични борби во главниот град на Либија, Триполи, соопштија медицински извори, пренесува „Ројтерс“.

Интензивни улични борби меѓу конфликтните либиски фракции избувнаа синоќа во Триполи и продолжија во текот на денот. Соперничките страни интензивно разменија оган, а се слушнаа и неколку детонации.

Во текот на изминатите неколку недели, спротивставени вооружени фракции се групираа и се концентрираа околу либиската престолнина, а судирите во центарот на Триполи ескалираа поради обидите да се воспостави контрола над либиската влада, потврдија очевидци за новинарот на „Ројтерс“.

Сликите и видеата објавени на интернет покажуваат воени возила како се тркаат низ улиците, борци пукаат и локалните жители се обидуваат да ги изгаснат пожарите.

Главниот политички конфликт во Либија е помеѓу владата на национално единство во Триполи, предводена од Абдулхамид ал-Дбеиб, и ривалската фракција предводена од Фати Башагом, поддржана од парламентот со седиште во источниот дел на земјата.

Мисијата на Обединетите нации во Либија изрази загриженост поради судирите.