Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека преговорите за постигнување на мир во Украина можат да почнат само кога рускиот претседател Владимир Путин ќе сфати дека нема да победи.
– Според мене, неопходно е Путин да разбере дека нема да успее во својата инвазија и неговата империјалистичка агресија, односно дека треба да ја повлече армијата. Тоа е основата за разговорите – изјави Шолц за „Си-ен-ен“.
Тој рече дека верува оти Украина е „подготвена за мир“.
– Ако се погледне предлогот на Украинците, лесно може да се види дека тие се подготвени за мир. Нешто мора да се направи, а тоа нешто зависи од Путин – додаде Шолц.
Запрашан дали има договор за прекин на војната според кој Украина би се согласила да се откаже од контролата врз Крим и дел од источниот регион Донбас, Шолц рече дека таква одлука не може да се донесе без украинската страна.
– Нема да носиме одлуки наместо нив, но ќе ги поддржиме – рече тој.
„Си-ен-ен“ го праша Шолц дали би го охрабрил Киев да се согласи на таков договор, но германскиот канцелар не даде директен одговор.