Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека секој член на Хамас е „мртов човек“ по првиот состанок на Владата на национално единство формирана вчера, јавува Би-би-си.
Премиерот Нетанјаху се согласи да формира влада за време на војната со поранешниот министер за одбрана и лидер на центристичката опозиција Бени Ганц. Тие се согласија да ги остават настрана разликите и политичкото ривалство.
Бени Ганц рече дека сега е „време за војна“ и им порача на израелските граѓани дека новоформираната влада е „обединета“ и подготвена да го „збрише“ Хамас од лицето на земјата.
Лидерот на главната опозиција Јаир Лапид сè уште не се приклучил на воениот кабинет, но Нетанјаху и Ганц во заедничката изјава рекоа дека за него е резервирано место.
Бројот на загинати во нападите на Хамас врз Израел кои започнаа во саботата достигна 1.200, а во најновиот извештај во четвртокот вечерта, Министерството за здравство во Газа зборуваше за исто толку загинати Палестинци во израелската реакција.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен е на пат за Израел и ќе пристигне денеска за да ја покаже својата „силна поддршка“ за Израел.
Една од темите на неговата агенда ќе бидат американските заложници: официјални лица велат дека нивниот број е „многу мал“ – и тие сè уште не одлучиле како да се обидат да ги вратат назад Хамас, наводно, држи до 150 луѓе како заложници, вклучувајќи деца и постари лица.
Земјите-членки на Арапската лига повикаа вчера на итен прекин на израелските напади врз Појасот Газа. На вонредниот состанок во Каиро во средата, министрите за надворешни работи на 22-те земји предупредија и на „катастрофалните“ хуманитарни и безбедносни последици од интензивирањето на конфликтот. Во завршната изјава на состанокот на Арапската лига се вели дека е неопходно заживување на мировниот процес и „отпочнување сериозни преговори меѓу Палестинската ослободителна организација (ПЛО), како единствен легитимен претставник на Палестинците, и Израел, за да се постигне фер и сеопфатен мир“.