Фото: Фејсбук/Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Западот треба да ја зголеми воената поддршка за Украина за да може Киев да ја принуди Москва да преговара за крај на војната со својата контраофанзива, додавајќи дека сега не е време за дијалог со рускиот претседател Владимир Путин, пренесуваат светските медиуми.

– Апсолутно мораме да ја интензивираме поддршката за украинскиот народ и војската за да започне контраофанзива што може да доведе до веродостојни преговори, за кои одлучуваат Украина, нејзините власти и нејзиниот народ – рече Макрон на безбедносната конференција во Минхен.

Тој смета дека сега не е време за преговори со Москва, која „избра војна, ескалација на војната и оди до воени злосторства и напади врз цивилна инфраструктура“.

– Русија не може и не смее да победи во оваа војна и руската агресија мора да пропадне бидејќи не можеме да прифатиме банализирање на нелегалната употреба на сила. Во спротивно, европската и глобалната стабилност би биле доведени во прашање – рече Макрон.

Иако не сака, процени дека војната може да трае.

– Но, особено ако не сакаме, мора да бидеме веродостојни во нашата способност да издржиме во овој напор. Тоа е единствениот начин да се врати на маса за дискусија на прифатлив начин рече Макрон, мислејќи на рускиот претседател Владимир Путин.

Иако останува на ставот дека руската инвазија, која започна пред една година, не успеа, Макрон посочува дека не смее да се изгуби од вид фактот дека Русија секогаш ќе биде во Европа.

– Нема да има мир на нашиот континент ако не се соочиме со прашањето за Русија, со чист ум и без самозадоволство – посочи тој.

Тој исто така смета дека мирот ќе биде загрозен доколку Европејците немаат оружје да го бранат.

– Ако Европа сака да се брани, мора да се вооружи – рече Макрон и ги повика европските земји да инвестираат повеќе во одбраната, вклучително и заеднички инвестиции.