Фото: Доналд Трамп/Фејсбук профил

Соединетите Американски Држави се блиску до склучување трговски договор со Канада – изјави синоќа американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за телевизијата „Фокс њуз“.

– Канада е прекрасна земја, наскоро ќе склучиме договор со неа. Ќе постигнеме одличен договор – рече Трамп.

Трамп и канадскиот премиер Марк Карни уште во неделата потврдија дека разговарале за новиот трговски рамковен договор, за кој американскиот претседател истакна дека ќе биде одличен за американските земјоделци. Карни на социјалната мрежа Икс објави дека преговарачките тимови на двете земји ќе работат во наредните недели за да ја постигнат оваа цел.

Најавата за договор доаѓа по неколкумесечен период во кој Канада и САД меѓусебно си воведоа царини за стоки во вредност од милијарди долари. Прашањето за американските царини врз канадските производи стана централна тема во северните американски сојузни држави што граничат со Канада, како Мичиген и Мејн, во пресрет на утрешните меѓуизбори за Конгресот на САД.