Фото: ЕПА

САД испраќаат дополнителни сили на Блискиот Исток поради драматичната ескалација на насилството меѓу Израел и силите на Хезболах во Либан, што го зголеми ризикот од голема регионална војна, соопшти денеска Пентагон.

Генерал-мајор Пат Рајдер не сакаше да објасни колку дополнителни сили САД испраќа или која ќе биде нивната мисија. Во моментов, САД имаат околу 40.000 војници во регионот.

Новото распоредување доаѓа по значајните напади на израелските сили врз цели во Либан, при што загинаа речиси 300 луѓе. Додека Израел се подготвува да изврши понатамошни операции, Стејт департментот ги предупредува Американците да го напуштат Либан поради зголемениот ризик од регионална војна.

– Поради непредвидливата природа на тековниот конфликт меѓу Хезболах и Израел и неодамнешните експлозии низ Либан, вклучително и Бејрут, американската амбасада ги повикува американските граѓани да го напуштат Либан додека се уште се достапни комерцијалните опции – предупреди во саботата Стејт департментот.

Израелските сили неодамна извршија нов воздушен напад во јужните предградија на Бејрут, главниот град на Либан. Израелски извори неофицијално објавија дека целта бил висок командант на Хезболах. Израелската армија вели дека станува збор само за „целен удар“.