Фото: Пиксабеј

Шефот на иранското правосудство, Голам-Хосеин Мохсени Еџеи, изјави дека е неопходно да се заштитат правата на иранскиот народ преку меѓународни правни и судски механизми, при што порача дека САД и Израел мора да сносат одговорност за, како што рече, злосторствата извршени за време на неодамнешниот конфликт со Иран.

Еџеи, кој говореше на состанок со високи судски функционери и претседатели на покраински судови, истакна дека постојат правни основи за нивна осуда, оценувајќи дека станува збор за „заедничка и неиспровоцирана агресија“ против Иран, која започнала на 28 февруари и траела 40 дена, објави Прес ТВ.

Тој наведе дека „агресорските режими на САД и Израел намерно извршиле бројни воени злосторства“, вклучувајќи напади врз цивили, деца, болници, училишта, универзитети и станбени објекти.

Еџеи повика надлежните институции во Иран координирано да работат на заштита на правата на државата пред меѓународните правни тела, нагласувајќи дека одговорноста мора да се бара преку правни механизми.

Повикувајќи се на Женевската конвенција од 1949 година и правилата на меѓународното хуманитарно право, тој оцени дека САД и Израел ги прекршиле основните норми на вооружените конфликти и мора да одговараат за своите постапки.

– Тие мора да бидат гонети пред надлежните меѓународни институции за обештетување, надомест на штета и казна за извршените воени злосторства – порача Еџеи.