Руското Министерство за одбрана денеска пред јавноста објави тајни документи што укажуваат дека украинските оружени сили наводно планирале месецов да спроведат воена интервенција во Донбас.

– Во рамки на специјална воена операција руските сили дојдоа до тајни документи на Командата на Националната гарда на Украина. Тие потврдуваат тајна подготовка на режимот на Киев за офанзивна операција во Донбас во март 2022 година – изјави портпаролот на руското МО, Игор Конашенков.

Според него, станува збор за тајна наредба потпишана од командантот на Националната гарда на Украина, генерал-полковник Микола Балан датирана на 22 јануари оваа година.

Како што наведе Конешенков, планот предвидувал до 28 февруари да заврши борбената координација на украинските националисти, за да се обезбеди реализација на офанзивни задачи во рамки на украинската „операција на здружените сили“ во Донбас.

Од друга страна, висок украински владин претставник истакна дека Украина мора да ја запре Русија во следните седум до 10 дена, за да не може Москва да тврди каква било победа.

Вадим Денисенко, советник на министерот за внатрешни работи на Украина, ги наведува Мариупол или главниот град Киев како најверојатни цели.

– Ним им треба барем некоја победа пред да бидат принудени на финалните преговори. Затоа наша задача е да се спротивставиме во наредните 7-10 дена – напиша Денисенко на Фејсбук.

Русија соопшти дека денеска ќе обезбеди хуманитарни коридори за луѓето кои бегаат од Киев и четири други украински градови. Единствениот оперативен коридор е тој од градот Суми, кој беше отворен вчера.